Специјалниот американски пратеник Стив Виткоф и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, заминуваат на дипломатска мисија во Москва и Киев со цел да договорат прекин на војната. Трамп потврди дека Вашингтон подготвил конкретна иницијатива, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски најави воздржување од воздушни напади врз руска територија за време на разговорите. Кушнер и Виткоф треба да ги отворат преговорите со двете страни.
Доналд Трамп објави од Овалната соба дека Соединетите Американски Држави имаат подготвено конкретен план за завршување на војната. Тој ги нарече своите пратеници одлични преговарачи и изрази оптимизам дека постојат реални шанси за успех.
„Имаме идеја за мир. Ги испратив Стив Виткоф и Џаред Кушнер, двајца сјајни преговарачи. Завршија одлична работа и ги пративме таму за да видиме дали можеме да постигнеме нешто“, изјави Трамп, без да ги обелодени деталите од документот.
Володимир Зеленски соопшти дека американските претставници в недела ќе пристигнат во Киев веднаш по средбите во Москва. Тој нагласи дека украинската војска целосно ќе ги запре воздушните удари врз руска територија додека трае нивниот престој во Москва, но побара Москва да постапи идентично за време на посетата на Киев.
„Од наша страна нема да има воздушни напади, а Русија за возврат мора да обезбеди прекин на огнот, без сопствени напади, за времето потребно за водење на овие преговори“, порача Зеленски.
Дипломатски извори за агенцијата Ројтерс откриваат дека првичниот распоред предвидувал разговори во Москва за време на викендот, по што веднаш требало да следува патувањето во Киев. Според истите извори, планот претрпел измени во текот на изминатите денови, па етапата во главниот град на Украина сè уште не била целосно фиксирана пред самото заминување на делегацијата.