Струга е домаќин на „Курирање во контекст 5“, уметници развиваат нови културни практики

Меѓународната школа преку предавања, работилници и јавни дискусии отвора простор за современи уметнички и кураторски истражувања во регионот

Утрово во Струга официјално започна сесијата август/септември од петтото издание на меѓународната школа „Курирање во контекст“, насловена како „Иднинување нови светови“. Во текот на следните пет дена, домашни и странски уметници и куратори преку предавања, интензивни работилници и заедничка практична работа ќе истражуваат современи форми на изразување преку слушање, движење, создавање микроутопии и воведување на повеќе-од-човечки перспективи во уметноста.

Покрај работниот и едукативниот дел наменет за учесниците, програмата отвора и содржини достапни за пошироката културна јавност. Како централен јавен настан се издвојува отвореното предавање на истакнатата кураторка и теоретичарка Јелена Весиќ, кое ќе се одржи на 3 септември во просториите на Europe House во Струга. Овој настан нуди можност за локалната заедница и стручната јавност директно да се вклучат во дебатите за современите кураторски практики.

Овогодишното издание на школата претставува значаен импулс за македонската и регионалната независна културна сцена, овозможувајќи директно вмрежување на домашните автори со меѓународни експерти и институции. Иницијативата поттикнува критичко размислување за улогата на уметноста во општествените промени, позиционирајќи ја Струга како важен регионален центар за современа уметничка теорија и пракса.

Реализацијата на „Курирање во контекст“ во 2026 година е овозможена преку широка меѓународна поддршка, вклучувајќи го проектот „Democracy in Action“ финансиран од Европската Унија во рамки на програмата Хоризонт Европа, како и проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, имплементиран од Хартефакт Фонд. Меѓу партнерите се и Фондацијата Хајнрих Бол, Универзитетот за уметности во Брауншвајг, zukunft.niedersachsen, како и проектот LLB 3 поддржан од Креативна Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс