На 24 август во Лабораториум од 13:00 часот ќе се одри дебата “Културната инфраструктура пред Европската престолнина на културата 2028“ во организација на фестивалот Македокс.
На дискусијата ќе се зборува за сериозниот недостиг на активни киносали и простори во кои филмот континуирано се прикажува и живее како културно искуство.
„Иако градот има активни фестивали, филмски автори и заинтересирана публика, можностите за редовно гледање квалитетна домашна, европска и независна кинематографија се ограничени.
Оваа дискусија отвора разговор за актуелната состојба на киноприкажувачката инфраструктура во Скопје и за чекорите што треба да се преземат за таа да стане посилна, подостапна и поодржлива. Што недостасува – киносали, јасна културна политика, инвестиции или подобра соработка меѓу институциите, независниот сектор и приватните иницијативи? Како да се создадат услови киното повторно да стане редовен дел од културниот живот на градот, а не исклучиво фестивалско искуство?
Во пресрет на 2028 година, ова е вистинскиот момент да се размислува за долгорочни решенија, а не само за привремени активности. Каква киномрежа му е потребна на Скопје? Дали постојните простори можат да се обноват и активираат? На кој начин европските модели можат да послужат како инспирација за развој на современа и достапна филмска инфраструктура?“ велат организаторите.
Дискусијата има за цел да понуди идеи, искуства и конкретни насоки за тоа како Скопје може да создаде подобри услови за прикажување филмови, развој на публика и долгорочен развој на кинокултурата, додваваат од Македокс.
На дебатата ќе учестуваат Звонко Наумовски — Шеф на операции, Фондација „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“ Билјана Лунга Филиповска — Советник за меѓународна соработка, евиденција и стратешко планирање, Агенција за филм на Република Северна Македонија Маргарита Арсова — Уредничка на филмската програма, Младински културен центар (МКЦ) Дарко Набаков — Извршен директор, МакеДокс
Модераторка на настанот е Марина Костова — Филмска критичарка и потпретседателка на ФИПРЕСЦИ