Дванаесеттото издание на фестивалот за независна сцена и урбана култура „Култиватор“ ќе се одржи од 29 септември до 3 октомври во Скопје. Настанот годинава ја напушта класичната фестивалска рамка и се сели на три различни локации, обединувајќи музика, филм, улична уметност, мода и графички дизајн низ повеќедневна програма наменета за публиката што бара алтернатива на мејнстримот.
Фестивалот годинава го диперзира својот простор наместо да се концентрира на една сцена. Настаните ќе се одвиваат паралелно и последователно во просторите на „BKW“, „Бонобо“ и „Кино Карпош“. Секоја од локациите ќе понуди сопствен сегмент од програмата, овозможувајќи преклопување на сцените и слободно движење на публиката низ градот во текот на петте фестивалски денови.
Основата на „Култиватор“ останува отворениот дијалог меѓу разни уметнички дисциплини. Публиката ќе види авторски дела од визуелните уметности, графичкиот дизајн и стрит-артот, во директна корелација со музички настапи и филмски содржини. Концептот се потпира на бришење на границите меѓу жанровите и претставување на субкултурната продукција како жива целина.
Низ изминатите 11 изданија фестивалот вклучи автори од различни генерации, од регионални дебитанти до веќе етаблирани уметници. Комплетниот распоред по денови, саатниците и учесниците за ова издание организаторите ќе ги соопштат во следните денови преку официјалните канали и профили на локациите домаќини.