Крушево ја продолжува зелената и дигиталната трансформација како туристичка дестинација

Крушево продолжува со процесот на зелена и дигитална трансформација, со цел градот да се позиционира како одржлива туристичка дестинација во текот на целата година.

Во последните години, Општина Крушево, заедно со локалните бизниси и со поддршка од Швајцарската амбасада преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, презема активности за развој на туризам што ги поврзува природата, културата, локалната економија и еколошките практики.

Крушево како зелена дестинација

На денешниот настан беа презентирани повеќе иницијативи поврзани со одржливиот развој на градот: процесот на сертификација за зелена дестинација, активностите на здружението „Крушево Грин“, реактивирањето на Туристичкиот информативен центар, дигиталната платформа „Доживеј го Крушево“, како и најавата за подобрено управување со отпадот во соработка со „Пакомак“.

„Крушево денес е доказ дека авантурата, културата и одржливоста можат да се спојат во единствен туристички производ. Со заеднички напори создадовме услови градот да биде дестинација преку целата година, која не само што привлекува туристи, туку и го поттикнува локалниот економски развој“, истакна градоначалникот на Крушево, г. Чонески.

Поддршка од Швајцарија преку ИМЕ

Заменик-амбасадорката на Швајцарија, Михал Харари, посочи дека Швајцарија повеќе од една деценија обезбедува поддршка за Крушево преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.

„Воспоставувањето на процес за сертифицирање како зелена дестинација, работењето на „Крушево Грин“ и поставувањето функционална дигитална платформа се силни примери за тоа како заедницата станува лидер во одржливиот развој“, истакна Харари.

Единаесет локални бизниси со зелени сертификати

Единаесет локални бизниси веќе се стекнаа со сертификати за зелени бизниси од меѓународната организација „Зелени дестинации“.

Со тоа, тие ја потврдуваат својата посветеност кон еколошки одговорни практики и одржлив развој.

Оваа успешна приказна приватниот сектор ќе ја претстави и на претстојната конференција „Зелени дестинации“ во Крањ, Словенија, со што дополнително ќе се зајакне меѓународната видливост на Крушево во областа на одржливиот туризам.

„Доживеј го Крушево“ како дигитална алатка за туристите

Дигиталната платформа „Доживеј го Крушево“ им овозможува на посетителите на едно место да ја откријат туристичката понуда на градот.

Проф. д-р Димитар Ташковски, раководител на ИНОФЕИТ ЕДИХ, истакна дека платформата е чекор напред во управувањето со туризмот.

„Таа нуди ексклузивни придобивки за туристите кои ја плаќаат локалната туристичка такса и создава поврзан екосистем меѓу туристите, бизнисите и Општината. Со ова решение, Крушево добива и алатка за анализа на податоци што ќе овозможи поефикасно и одржливо управување“, нагласи Ташковски.

„Крушево Грин“: Да се заштити она што е автентично

Претседателката на здружението „Крушево Грин“, Леонора Т. Крстеска, посочи дека туризмот не опфаќа само сместувачки капацитети и искуства, туку и културното богатство, фолклорот и сè што е автентично за една дестинација.

„Крушево е дестинација која мора задолжително да се посети, а „Крушево Грин“ е тука за да обезбеди понуда каква што Крушево заслужува. Токму со зелената агенда дополнително се заштитува сето она што Крушево го нуди и е автентично“, истакна Крстеска.

Подобро управување со отпадот

Како дел од процесот на воспоставување поодржлив систем за управување со отпад, комуналното претпријатие во рамки на општината, во соработка со ИМЕ и „Пакомак“, ќе постави преса за отпад.

Со ова треба да се овозможи поефикасно сортирање на пластика, стакло и алуминиум, како и понатамошно рециклирање.

Целта е да се намали количината отпад што завршува на депонија и да се создаде поеколошки пристап во управувањето со отпадот, како важен предуслов за успешен одржлив туризам.

Со поврзување на зелените иницијативи, дигиталните иновации и активната улога на локалната заедница, Крушево се позиционира како модел за одржлив развој во регионот и како туристичка дестинација за сите четири сезони.

е-Трн да боцка во твојот инбокс