Програмата „Критичко читање низ филмови“ повторно се враќа на КРИК – фестивал за критичка култура, со три филмски вечери што ќе се одржат на 12, 13 и 14 мај во „Буква“. Годинава програмата е поставена во рамки на фестивалската тема „Грижа: начини да се биде заедно“, која ја отвора грижата не како сентимент, туку како општествена, политичка и етичка практика.
Во време на насилство, исцрпеност, фрагментација и општествена ерозија, КРИК преку филмот отвора простор за колективна рефлексија и политичко соочување. Филмската програма, уредена од Петар Милат, директор и селектор на Филмскиот фестивал за човекови права од Загреб, го поставува киното како привремен јавен простор во кој сликите, наративите и искуствата можат да помогнат во промислување на заедничкиот живот, одговорноста и одбивањето на рамнодушноста.
Во програмата ќе бидат прикажани три филма кои се поврзуваат со интересот на КРИК за критичката култура како простор на перцепција, толкување и ангажман. Првиот филм, „Со Хасан во Газа“ на Камал Алџафари, ќе се прикаже на 12 мај во 19:00 часот. Филмот, составен од повторно откриени снимки од 2001 година, го следи патувањето низ Газа и отвора интимен поглед кон палестинскиот живот, сеќавањето и загубата.
На 13 мај во 19:00 часот ќе биде прикажан „Fiume o Morte!“ на Игор Безиновиќ, филм во кој жителите на Риека ја реконструираат и реинтерпретираат приказната за 16-месечната окупација на градот во 1919 година од страна на италијанскиот поет и проповедник на војната Габриеле Д’Анунцио.
Програмата завршува на 14 мај во 19:00 часот со „Магелан“ на Лав Дијаз, филм од 160 минути што го преиспитува митот за познатиот португалски морепловец. Наместо херојска приказна, филмот отвора поглед кон амбицијата, освојувањето, насилството и цената на експедицијата што ја промени историјата.
Сите филмови ќе имаат превод на македонски јазик. Програмата „Критичко читање низ филмови“ е дел од пролетниот дел на КРИК и е замислена како простор за собирање околу киното, како форма што може да отвори политички, емоционални и етички прашања за тоа како живееме заедно.