Високиот пратеник на Кремљ за меѓународна економска соработка, Кирило Дмитриев, отворено понуди економска соработка и обновување на испораките преку „Северен тек“ со германската десничарска партија Алтернатива за Германија. Понудата доаѓа непосредно пред утрешните покраински избори во Мекленбург-Западна Померанија, каде што АфД води тесна битка со владејачките социјалдемократи. Москва со ова отворено го условува евтиниот руски гас со политички промени и укинување на европските санкции.
Дмитриев порача на социјалната мрежа Икс дека покраината Мекленбург-Западна Померанија повторно ќе процвета доколку во соработка со АфД се врати сигурниот и евтин гас преку гасоводите „Северен тек“.
Рускиот пратеник ветува пониски сметки за енергија, нови работни места и поголем економски раст. Во својата објава тој ја повика Германија да стави крај на, како што го нарече, сопственото енергетско и индустриско самоубиство.
Оваа директна порака доаѓа во момент кога гласачите во Мекленбург-Западна Померанија утре избираат нов состав на покраинскиот парламент. Анкетите покажуваат целосно изедначена поддршка меѓу АфД и Социјалдемократската партија на актуелната премиерка Мануела Швезиг. Иако десничарите водеа со месеци, СПД успеа да ја надомести разликата во финишот на кампањата.
Пораката не е случајно таргетирана токму за овој регион. Мекленбург-Западна Померанија е крајната копнена точка каде што руските гасоводи излегуваат на германска територија.
Официјална Москва и претходно нудеше рестартирање на испораките доколку официјален Берлин ги укине воведените санкции. По експлозиите и саботажата во 2022 година, една од четирите цевки на системот „Северен тек“ остана технички функционална, но стои целосно исклучена од употреба.
Дмитриев важи за еден од главните преговарачи на рускиот претседател Владимир Путин во контактите со Соединетите Американски Држави околу војната во Украина. Иако Кремљ официјално негира какво било мешање во германските изборни процеси, руското раководство со месеци испраќа јавни сигнали на одобрување кон политиката на АфД.