Полицијата приведе 28-годишна жена од Кривопаланечко, една од сопственичките на говедата што со години слободно се движат во околината на Крива Паланка, влегуваат во ниви и дворови и предизвикуваат штети.
Според МВР, Ј.Ѓ. била приведена во месноста Калин Камен, откако вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство ја пријавиле дека ги спречувала да заловат дел од кравите кои се во сопственост на нејзиното семејство.
Станува збор за проблем што подолго време ги засега жителите на повеќе села во кривопаланечкиот регион. Говедата се движат слободно, без соодветен надзор, влегуваат во приватни имоти и нанесуваат штета на земјоделски површини и дворови.
„Ј.Ѓ. е задржана во полициска станица, а против неа ќе следува соодветна пријава“, стои во полициското соопштение.
Агенцијата за храна и ветеринарство на крајот на минатиот месец информираше дека заловила 92 од спорните говеда. Истовремено, беше соопштено дека околу 20 од заловените животни угинале, што отвори прашања за условите во кои биле сместени.
Од АХВ тогаш како причина за угинувањето наведоа дека животните не биле навикнати да живеат во затворен простор.
Случајот повторно го отвора прашањето за одговорноста на сопствениците, заштитата на имотите на жителите, но и за начинот на кој институциите постапуваат со животните откако ќе бидат заловени.