Филмски професионалци дебатираат за краткиот филм на петтиот ден од „Ѕирни“

Дебатата во „Котур“ ги спојува искуствата од домашните фестивали и грчкиот „Драма“, додека вечерта стартува 48-часовниот филмски предизвик и студентска изложба.

Петтиот фестивалски ден на фестивалот на филм и музика „Ѕирни“ денеска во кафе и филм „Котур“ носи фокус на краткиот филм преку меѓународна едукативна панел-дискусија. Програмата почнува во 13:00 часот со дебата на филмски автори и селектори, а влезот за сите заинтересирани е слободен со претходна најава.

Панел-дискусијата е насловена „The role of film festivals in the creative journey of a short film“, односно за улогата на фестивалите во креативниот пат на краткиот филм. Настанот ќе се одржи на англиски јазик.

На дебатата учествуваат Марија Апчевска и Атанас Велкоски од фестивалот „Браќа Манаки“, Петрула Велјановска од фестивалот на документарен филм „Македокс“ и Василис Терзопулос од меѓународниот фестивал за краток филм „Драма“ од Грција. Организаторите посочуваат дека влезот е слободен за сите заинтересирани, со задолжително претходно пријавување на социјалните мрежи на фестивалот или преку е-пошта на dzirnifestival@gmail.com.

Попладневната програма во „Котур“ продолжува во 18:00 часот со воведно предавање и официјален почеток на 48-часовниот Скопски филмски предизвик.

Терминот од 20:00 часот е резервиран за отворање на групната изложба „Во воздух“, на која се претставуваат студентите од Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ), реализирана во соработка со „Пионери“. Во исто време започнува и музичката програма со селекција на Влашки и Чваре.

Осмото издание на фестивалот „Ѕирни“ трае до 5 октомври на две локации во Скопје: платото пред Домот на АРМ и просторот на „Котур“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс