Search

Костадиновска-Стојчевска: Ја поддржуваме креативноста која носи промени и е двигател на економијата

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешниот меѓународен форум „Одржливо претприемништво во креативните индустрии“ нагласи дека Министерството за култура институционално го поддржува развојот на креативните индустрии. Како што соопшти Министерството, таа посочи дека заложбата е културата, со своите огромни и универзални потенцијали, да биде двигател на новите процеси и фактор за одржлив развој.

„Kреативноста, иновативноста и оригиналноста се „тројство“ што културата ја издигнува на пиедесталот во новата, наречена и „портокалова економија“. Креативноста прераснува во голем двигател кој ѝ дава насока на сегашната турбулентна и непредвидлива економија на која и се неопходни промени. Според бројни релевантни истражувања, носители на тие промени се токму креативните луѓе. Затоа вложувањето во нив е императив, порака на која мора да се одговори“, истакна министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска нагласи дека Владата и Министерството за култура не само што ја препознаа големата улога на креативните индустрии, туку силно и конкретно ги поддржуваат. Таа информираше дека Министерството за култура за 2024 година направи дополнување на постојните дејности и области со нова буџетска програма – креативни индустрии, за што рече дека е влог во нашиот интелектуален потенцијал и уште една системска поддршка на културната индустрија.

„Меѓудругото, Костадиновска-Стојчевска потсети дека креативните и културните индустрии се опфатени и во Националната стратегија за развој на културата, како и со новиот Предлог-закон за култура, со кој се менува начинот на дефинирање, поддршка и финансирање на културата, се редефинираат дејностите во културата заради пошироко сфаќање на културата, а со тоа и воведување нови културни дејности од областа на креативните индустрии“, наведува Министерството за култура. 

На меѓународниот форум, министерката за култура нагласи дека реализацијата на овој настан е еден од приоритетите на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, а развојот на културните и креативните индустрии, како што рече, стана приоритет и на Европската Унија која своите стратешки политики сè повеќе ги насочува во полза на културното и креативното претприемништво.

Меѓународниот форум „Одржливо претприемништво во креативните индустрии“, кој се реализира заедно со Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии-УМПАКИ, е трето продолжение на форумите од изминатите две години кои се фокусираа на културното и креативното претприемништво, како и на женското претприемништво во креативните индустрии и влијанието врз економијата.

На форумот учествуваат домашни и странски учесници, особено од земјите од Југоисточна Европа, професионалци и организации, креатори на политики и владини претставници. 

Фото: Министерство за култура 

Најново

Последни колумни