Вршителката на должноста претседателка на Косово Албула Хаџиу официјално ги распиша предвремените парламентарни избори за 7 јуни, по состаноците со политичките партии за изнаоѓање излез од институционалната криза.
Одлуката доаѓа откако косовскиот парламент не успеа во предвидениот рок да избере нов шеф на државата, по истекот на мандатот на поранешната претседателка Вјоса Османи. Поради тоа, законодавниот дом беше распуштен.
Ова ќе бидат трети парламентарни избори во Косово во период од околу 18 месеци, по гласањата одржани во 2025 година. Политичките аналитичари предупредуваат дека честите избори создаваат институционална нестабилност, ги забавуваат реформите и носат дополнителен товар за државниот буџет.
Од Европска Унија изразија жалење за политичкиот развој и упатија порака до сите партии да покажат поголема одговорност и да обезбедат институционална стабилност.
И покрај новите избори, останува неизвесно дали тие ќе донесат политички договор и долгорочно решение за кризата во земјата.