„Кориолан“ на Битолскиот театар премиерно на „Охридско лето“, потоа заминува на фестивал во Верона

Народниот театар Битола на прес конференција ја најави новата претстава „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во адаптација и режија на американскиот режисер Џон Блондел. Македонската премиера ќе се одржи на 15 јули во 20 часот, во Предворјето на црквата „Света Софија“ во Охрид, како дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“.

Од театарот информираа дека претставата ќе биде изведена и на Verona Shakespeare Fringe Festival во Верона, каде ќе ја има својата меѓународна премиера.

Директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски, истакна дека „Кориолан“ првпат се поставува на македонска театарска сцена и дека станува збор за значаен проект за ансамблот.

„Имаме голема екипа која е подготвена да се соочи со предизвикот на македонската и светската премиера на „Кориолан“. Битолскиот театар отсекогаш бил пионер во нови театарски предизвици и горди сме што нашите продукции повторно ќе бидат претставени и надвор од Балканот“, рече Мавровски.

„Кориолан“ е петта соработка меѓу американскиот режисер Џон Блондел и Народниот театар Битола. Блондел, кој е и уметнички директор на Verona Shakespeare Fringe Festival, објасни дека токму желбата ова дело да биде дел од програмата на фестивалот ја иницирала соработката.

„Разговаравме кои претстави би сакале да ги имаме годинава во Верона и една од нив беше „Кориолан“. Посакав да ја работам токму со ансамблот на Народниот театар Битола. Среќен сум што проектот се реализира со овие извонредни уметници. „Кориолан“ е едно од последните дела на Шекспир, напишано во 1608 година и неговата последна трагедија“, изјави Блондел.

Авторскиот тим најавува претстава во која акцентот е ставен на актерската игра, со минималистички сценографски и костимографски решенија, со цел во преден план да бидат драмската сила на текстот и изведбата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс