Струга ќе биде домаќин на Седмиот конгрес на еколозите на Македонија, кој од 15 до 18 октомври ќе се одржи во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД). Настанот со меѓународно учество со години претставува една од најзначајните научни средби за еколозите во регионот, посветена на современите истражувања и предизвиците во заштитата на животната средина.
Конгресот ќе овозможи научниците, истражувачите и младите еколози да ги претстават своите трудови, да разменат искуства и да воспостават нови соработки. Организаторите нагласуваат дека ваквите собири се важни за поврзување на научната заедница и за следење на најновите достигнувања во модерната екологија.
„Науката е тимска работа. Нашите конгреси се уникатна можност еколозите лично да ги запознаат колегите од регионот, да разменат идеи и да договорат соработка“, изјави Методија Велевски, заменик директор на МЕД и член на организацискиот одбор.
Заинтересираните учесници можат да пријават усни и постер презентации најдоцна до 31 јули. Истражувањата треба да бидат поврзани со една од седумте тематски секции: загадување на воздухот, водата и почвата, хидробиологија, управување и мониторинг на води, биолошка разновидност и нејзина заштита, шумарство и земјоделство, управување со природни ресурси, промени во животната средина и еколошка едукација.
Посебен дел од Конгресот ќе биде посветен на младите истражувачи преку студентски симпозиум, каде идните научници ќе имаат можност да ги претстават своите досегашни истражувања и да добијат стручни мислења и насоки за понатамошен развој.
„Ова е значајно искуство за најмладите потенцијални научници, бидејќи им овозможува да ја презентираат својата работа и да добијат конструктивна критика од поискусни колеги“, истакнува Драган Арсовски, раководител на програмата „Знаење и наука“ во МЕД.
Македонското еколошко друштво ги организира конгресите на секои четири години уште од 1998 година, кога првиот Конгрес на еколози се одржа во Охрид. Во досегашните изданија учествувале најмалку 1.200 учесници и предавачи од повеќе од 15 европски земји, а биле презентирани околу 1.050 научни трудови.
Со седмиот конгрес, МЕД продолжува со мисијата за развој на екологијата како научна дисциплина и создавање платформа за промовирање на работата на македонските и регионалните еколози.