Елена Данова, претседателка на „Еквалис“, истакна дека конференцијата има за цел да ги потсети граѓаните дека и со мали чекори се возможни големи промени. „Ова е простор каде што се собрани луѓе кои активно се занимаваат со темата јавен простор и сакаме да покажеме дека активизмот не мора да биде масовен за да биде успешен“, рече таа во воведното обраќање.
Во текот на првиот ден, учесниците имаа можност да слушнат различни перспективи од активисти и експерти кои со свои примери покажаа како можат да се направат промени во заедниците.

Мапирање на чешмите – иницијатива за поодржливо Скопје
Еди Фрцовски, кој го предводи процесот на мапирање на функционалните чешми во Скопје, сподели детали за оваа иницијатива:
„Минатата година заедно со ‘Еквалис’ и ‘Партизанска Штампа’ успеавме да мапираме 102 чешми, од кои 40 не беа во функција. Проблемот е што кога ќе видат нефункционална чешма, граѓаните ја претвораат во место за отпадоци. Ова е проблем кој не се зборува често, но сите сме се нашле во ситуација да купиме пластично шише вода поради недостиг на јавни чешми, особено во лето.“

Опасностите од депонијата во Кочани
Благица Сабовљевиќ-Стоименова говореше за опасностите од депонијата во Кочани, која претставува сериозен проблем за животната средина и здравјето на граѓаните.
„Најглавната опасност е за здравјето, особено на децата. Проблемот не е само респираторен; загадувањето може да предизвика и други животно загрозувачки болести. Мобилизацијата на локалната заедница беше спонтана, луѓето препознаа искреност во нашата борба. И покрај заканите, ние не се плашиме – се бориме за здравје и за живот,“ истакна таа.

Дебар Маало како симбол на граѓански активизам
Јана Белчева-Андреевска, која беше дел од иницијативата за зачувување на Дебар Маало, зборуваше за важноста на граѓанскиот активизам:
„Она што започна како борба за Дебар Маало сега е движење кое прераснува во политичка сила со сериозно влијание. Најтешко беше кога граѓаните ја изгубија довербата во институциите. Затоа мислиме дека активизмот и будното граѓанство се клучни. Одлуките кои не се носат во полза на граѓаните носат последици – од зголемена сиромаштија до сериозен екстремизам.“

Поддршка за српските студенти
Данова ја истакна солидарноста со студентите во Србија, кои се борат против насилството и корупцијата. „Солидарноста со српските студенти и граѓани е од огромно значење. И кај нас има слични борби, кои иако различни по обем, се подеднакво важни за човековите права,“ рече таа.




Конференцијата „КритикУМ“ продолжува денеска со панели посветени на решенија за подобрување на јавните простори и зајакнување на граѓанскиот активизам.