Нема друго чувство слично на тоа кога ќе ја слушнете омилената песна, кога ќе се разбудите со одредени стихови во главата или кога одредена мелодија може да ве расположи, без разлика на тоа колку ви е напорен денот на работа. Одредени звуци можеби ве враќаат на некое место или во некое време, а некои песни ве потсеќаат на луѓето кои веќе не се покрај вас.
Зошто се прославува Светскиот ден на музиката?
Светскиот ден на музиката или Fête de la Musique, се прославува на 21 јуни секоја година. На овој ден се слави музиката во сите нејзини форми, како и влијанието кое таа го има врз светот и човековиот дух. Fête de la Musique се слави од 1982 година, кога Морис Флеуре, директорот за музика и танц при француското Министерство за култура одлучил да ја изнесе музиката на улица, за сите луѓе да уживаат.
Оттогаш ваквиот фестивал станал меѓународен феномен, прославуван во повеќе од 700 градови во 120 држави. Fête de la Musique има цел да ја промовира музиката на два начина – со мотивирање на професионалните и аматерските музичари да свират на улица и преку организација на бесплатни концерти, со што сите музички жанрови стануваат достапни за публиката.

На овој ден се оддава почит на музиката, нешто што игра значајна улога во сечиј живот. Музиката е суштината на животот, а Денот на музиката е да ја сфатите моќта на музиката и да ја споделите со другите. На глобално ниво, постојат неколку настани кои се случуваат на овој ден.
Што се случува во Македонија?
Во Северна Македонија, на платото пред Филхармонија Кафе Бар, Биг Бендот на Здружението на џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ Скопје, ќе одржи целовечерен концерт насловен Jazz & Roll со почеток од 21 часот. Влезот за концертот е бесплатен, во духот на Светскиот ден на музиката.

„Овој датум е избран да се совпадне со летната долгоденица, ден кој ја симболизира совршената рамнотежа на светлината и темнината и служи како метафора за хармонијата и единството што музиката ги носи во нашите животи, надминувајќи ги разликите и поттикнувајќи чувство на единство“, велат од ЗЏМ.