Синедејс, Фестивалот на европски филм, го одржува своето 25. издание од 2 до 7 декември во Младинскиот културен центар во Скопје. Годинешната кампања на фестивалот ја повикува публиката да ја остави рутината и да избере филм што ќе ја вознемири, дури и ако нема среќен крај. Годинава, освен публиката, фестивалот ги повикува и најмладите љубители на филмот да застанат зад камерата.
Во рамките на Синедејс ќе се одржи бесплатна тридневна работилница „Основи на филмскиот јазик“, наменета за основци и средношколци на возраст од 13 до 16 години. Работилницата ќе трае од 4 до 6 декември, секој ден по 90 минути, со почеток во 12 часот. Не е потребно претходно искуство, доволни се љубопитноста, креативноста и љубовта кон филмот.
Учесниците ќе дознаат како се создава филмска приказна, од првата идеја до подготовката за снимање. Под менторство на филмски режисер, сценарист и професор, ќе ги истражуваат филмските кадри, аглите и движењата на камерата, филмските жанрови и основите на филмското раскажување. Работата ќе биде практична и тимска, па учесниците ќе развиваат идеи, ќе пишуваат сценарио, ќе цртаат сториборд и ќе подготвуваат книга на снимање.
На работилницата ќе дојдат и гости, филмски професионалци што ќе раскажуваат за своите искуства и ќе покажат како изгледа работата зад камерата. За многумина од учесниците тоа може да биде првата средба со филмот од другата страна на платното. Можеби токму тука некој ќе ја започне својата филмска приказна.
