Пораката на германската АфД до младите: Заборавете на Инстаграм, работете шест дена неделно или останете сиромашни

Пратеникот на АфД, Максимилијан Кра, ги обвинува младите дека очекуваат богатство од социјалните мрежи и им порачува дека без шестдневна работна недела, ризикување и вложување во образованието ќе останат сиромашни. Неговите ставови за пензиите, вештачката интелигенција и иднината на ЕУ отвораат пошироко прашање: кој ја плаќа цената на економската несигурност?



Пратеникот на германската десничарска Алтернатива за Германија (АфД) и партиски известувач за Албанија, Максимилијан Кра, во интервју за порталот „Тирана егзаминер“ испорача “зајадливи” пораки што директно ја засегаат активната и работoспособна генерација. Неговата дијагноза за модерното општество е сурова: од работната етика на младите и подемот на вештачката интелигенција, до одржливоста на пензиите и распадот на Европската Унија.

Најостри реакции предизвика неговиот став за младите и пазарот на труд. Според Кра, на младите генерации денес „понекогаш им е потребен притисок“ бидејќи луѓето работат дури кога се принудени на тоа. Тој ги исмева амбициите на младите кои веруваат дека можат да се збогатат како инфлуенсери на Инстаграм, потсетувајќи ги дека наскоро ќе ги истиснат „инфлуенсери генерирани од вештачка интелигенција“.

Tој на младите им порачува да бараат „пристојна работа“, но по правила од некои минати времиња. За Кра, разликата меѓу сиромаштијата и удобниот живот со сопствен недвижен имот е прашање само на лична жртва. „Ако не сте подготвени, кога сте млади, да работите шест дена во неделата, да преземате ризици и да вложувате во своето образование, ќе останете сиромашни. Тоа зависи од вас“, порачува германскиот пратеник.

Ваквата реторика претставува комуникациско префрлање на системската вина врз поединецот. Додека модерните економии дебатираат за четиридневна работна недела и заштита од прегорување на работното место, Кра заговара враќање кон шестдневен работен ритам. Тезата дека сиромаштијата е исклучиво личен избор удобно ги премолчува реалните пречки со кои се соочуват работоспособните генерации: недостапните цени на становите, инфлацијата и платите што одамна не ја следат продуктивноста.

Ништо пооптимистична не е ниту неговата економска прогноза за вработените. Кра тврди дека Европската Унија во сегашната форма нема да постои за пет до десет години. Тоа го сведува на суво „прашање на математика“, посочувајќи дека држави како Франција и Шпанија веќе се задолжуваат за да исплатат пензии.

Истовремено, предупредува дека Европа ја губи технолошката трка: додека во Кина работат фабрики без луѓе со роботи управувани од вештачка интелигенција, Германија тоне во деиндустријализација. Виновникот го наоѓа во скапата енергија и европскиот „Зелен договор“, кој потценувачки го нарекува „климатско вуду“.

Притоа, Кра “заборава” да наведе дека германската индустрија не падна на колена поради климатските правила, туку поради децениската зависност од евтиниот руски гас и бавната дигитализација. Кра исто така не споменува дек токму Кина е светски лидер во зелената енергија и батериите, што значи дека напуштањето на „Зелениот договор“ само ја запечатува загубата на Европа во технолошката трка. Секако, станува нејасно како шестдневната работна недела што им ја препорачува на младите би ги спасила од сиромаштија во свет во кој фабриките работат без ниту еден човек.

На геополитички план, Кра ја позиционира АфД како „прогерманска“ и „про-Трамп“ партија, барајќи итно запирање на војната во Украина и обновување на партнерството со Москва. За Балканот црта нова оска меѓу Берлин и Анкара и ладнокрвно порачува дека „екстремно малите земји“ во регионот, како Босна и Херцеговина, не можат вечно да сметаат на европската правна заштита за да опстанат.


За балканската публика, која со децении ја гледа Германија како синоним за висок стандард и заштитени работнички права, пораките на Кра се јасно предупредување.
Политичката опција што силно расте во Берлин не ветува подобар живот, туку подолга работна недела, помалку социјална сигурност и суров пазарен натпревар во кој послабите се оставени сами на себе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс