Идните астронаути можеби еден ден ќе можат сами да одгледуваат дел од храната на Месечината. Научници од Државниот универзитет во Орегон успеале да одгледаат компири во материјал што го имитира месечевиот реголит, но откриле дека за растенијата да напредуваат им е потребна органска материја.
Истражувањето, поддржано од американската вселенска агенција НАСА, го опфатило сортата „Модок“ – компир со црвена лушпа и бела внатрешност, кој зрее релативно рано. Резултатите беа објавени на 19 ноември во научното списание „НПЏ микро-гравити“ (npj Microgravity).
Месечевата почва не е како земјината
Површинскиот слој на Месечината, познат како реголит, е составен од ситни честички прашина, раздробени карпи и стаклести материјали создадени со милијарди години удари од метеорити. За разлика од земјината почва, тој не содржи органска материја и има состав што може да биде неповолен, па дури и токсичен за растенијата.
За да го испитаат потенцијалот за земјоделство во таква средина, истражувачите користеле пет различни лабораториски симулации на месечевиот реголит. Во нив додавале вермикомпост – органска материја добиена со разградување органски отпад со помош на дождовни црви.
Резултатите покажале дека компирите речиси и не развивале корен и кртулки кога биле засадени во чист симулиран реголит. Со додавање органска материја растот се подобрувал, а во смесата со 30 проценти вермикомпост, приносот бил споредлив со оној на компирите одгледувани во земјина почва, под истите експериментални услови.
Органската материја има уште една важна улога: може да ја намали достапноста на одредени тешки метали, како бакарот, кои во поголеми концентрации можат да му наштетат на растението. Истражувачите сепак забележале зголемено присуство на некои метали во кртулките од одредени експериментални мешавини, па затоа е потребно дополнително следење.
Компирите биле мали, но експериментот е важен
Растенијата биле одгледувани во стаклена градина, со комбинација од природно и вештачко осветлување. Температурата била околу 22 степени Целзиусови преку ден и 18 степени во текот на ноќта.
Во првиот експеримент компирите биле засадени во мали садови, па и добиените кртулки биле ситни – најчесто полесни од 10 грама. Истражувачите во следен експеримент користеле поголеми садови и добиле поголеми компири.
Анализите покажале дека составот на хранливите материи во кртулките генерално бил сличен на оној кај компирите одгледувани во земјина почва. Не биле забележани значајни промени кај повеќето анализирани соединенија, вклучително и кај главните гликоалкалоиди – соланинот и чаконинот, кои во високи концентрации можат да бидат штетни за луѓето.
Сепак, научниците не тврдат дека веќе имаме храна што може да се произведува и консумира на Месечината. Експериментот е направен во земни услови, со симулиран реголит, а не со вистинска месечева почва. Потребни се дополнителни истражувања за безбедноста, приносот и однесувањето на растенијата во услови на Месечината.
Од месечевите бази до посиромашните почви на Земјата
Одгледувањето храна на Месечината е важен дел од плановите за долгорочно човечко присуство таму. Доставувањето на целата потребна храна од Земјата би било скапо и логистички сложено, па затоа истражувачите бараат начини астронаутите дел од храната да ја произведуваат на самото место.
Но, технологиите развиени за вакви експерименти би можеле да имаат примена и на Земјата. Начините за подобрување на сиромашни почви и намалување на влијанието на штетните материи би можеле да бидат корисни за земјоделството во сушни региони, оддалечени населби и подрачја што зависат од редовни испораки на храна.
САД и Кина планираат нови мисии со астронаути на Месечината, а долгорочните планови вклучуваат и воспоставување постојани бази. За таквите мисии, производството на храна на самото место може да стане една од клучните технологии за опстанок.
Компирите сè уште не растат во месечева градина, но експериментот покажува дека дел од материјалот на Месечината можеби еден ден ќе може да се искористи како основа за производство на храна.
