Опера на тревник

„Комшилук” ја донесе Травијата во маалото во Железара

Вчера вечер на тревникот пред Коце Металец 2 во скопската населба Железара, фестивалот „Комшилук” одржа уште едне фестивал овој и овој пат ја донесе операта „Травијата” во маалото, на балконите, помеѓу зградите,меѓу тревниците и урбаните површини. Помеѓу комшиите.

Ако Виолета и Алфредо живееле во Железара, ќе се расправале од тераса до тераса, ќе се сакале гласно и сигурно ќе им сметале на комшиите. Оваа сезона, фестивалот „Комшилук” се врати дома, во Црвените згради, со комшиска опера по мотиви на „Травијата” од Џузепе Верди. На тревникот пред зградата, пред станари и непознати гости, се случи нешто рeтко во македонскиот јавен простор: опера без сцена, без театар, без билет. Само маало, соседи и музика.

13 јуни, Коце Металец, Железара: програмата

Настанот стартуваше во 18:00 часот со премиерата на Чин 1 „Љубов на прв поглед” на тревникот пред Коце Металец 2. Репризата следеше во 21:00 часот на иста локација. На чело на музичкиот дел беше диригентот Ана Спасовска, концерт-мајстор Климент Тодороски и хор-мајстор Јасмина Горгеска Каро.

Солистичката поставка ги вклучи: Јаворка Витанова во улогата на Виолета Валери, Денис Димоски како Алфредо Жермон, Катерина Весковска во улогата на Флора Берво, Кристијан Антовски двојно, и во улогата на Барон Дуфол и во улогата на Маркиз Д’Обињи, Бобан Рајчиновски како Гастон и Борко Бицовски во улогата на Доктор Гренвил. Паралелно на програмата беа вклучени и Сара Мejс, kolektivot modernizam.i.renesansa, Нико Тиaнен и Слободан Прочков.

Во 17:30 часот, пред главниот настан, Bullfrogs ballet school изведе Мала Травијата, корео-драма наменета за најмладата публика. Ноќта ја затвори Антоние Весковски во 23:00 часот.

Изложба: десет уметници, едно маало

Паралелно со оперската програма се одржа и изложба на десет визуелни уметници. Своите дела ги претставија Искра Димитрова, Гоце Наневски, Дијана Томиќ, Ана Трајковска, Ана Спасова, Воскресија Андреевска, Драганчо Таневски, Ана Ивановска, Борис Петровски и Доротеј Нешовски.

Изложбата не беше во галерија. Беше таму каде и секогаш кај Комшилук: во просторот меѓу луѓето.

Три години, едно прашање: каде исчезна маалото?

Фестивалот „Комшилук” е одговор на едно прашање кое никој не го поставил гласно, но секој го чувствува: зошто во зградите во кои живееме не ги знаеме имињата на соседите?

Основачот на фестивалот, Стефан Александар Јовановски, го покренал „Комшилук” пред три години во истите Црвени згради во Железара каде вчера се одржа операта. Почетоците биле буквални: изведби на танчари и актери на балконите и прозорците, опера среде дневна соба, вечера каде сопствениците готвеле за непознати гости. „Буквално им ѕвониме на врата, ги наоѓаме надвор пред зграда, во лифт. Кога ќе им влеземе на луѓето во интимата, значи сме си ја завршиле многу добро работата”, вели Јовановски.

Оттогаш, фестивалот гостуваше во Шуто Оризари, во селото Побожје каде се правел ајвар и ракија, во Струга и Битола. Секаде со иста шема: волонтерите минуваат три месеци во заедницата пред настанот, градат доверба, мапираат кој би се вклучил, разговараат со станарите.

Зошто јавниот простор е политичко прашање

Зад оперскиот настан стои идеја која надлегува естетика. Јовановски зборува за феномен кој го препознава секој жител на македонски блок: „Едноставно не си го чувствуваат просторот како нивен. Преовладува ставот: станот е мој, тоа што се случува надвор не е мое.”

Токму тоа „надвор” е она кое „Комшилук” се обидува да го поврати. Тревниците меѓу зградите во Железара постојат со децении. Никогаш не биле искористени за средба на станарите. Во Шутка, пак, целата улица Волт Дизни е de facto заеднички двор: „Луѓето попладне си ставале маси, столчиња и си седеле на улицата. Ги паркирале автомобилите, переле теписи, пиеле кафе со комшиите, правеле свадба.”

Јавниот простор не исчезнува само кога физички го нема. Исчезнува и кога постои, но никој не го чувствува свој.

Постои и пошироко структурно прашање: новите згради во Скопје се градат без балкони, без прозори кон шума, без зелени површини. „Да ја имаш парк-шумата Гази Баба, која има вакво зеленило, ваков прекрасен поглед и да имаш стан кој нема прозор. Тоа е феномен”, реагира Јовановски. Фестивалот не е носталгија. Тој е дијагноза на она кое систематски се отстранува од урбаното живеење и обид тоа да се именува пред да исчезне сосема.

Признанија и 128 потенцијални локации

За само две години, „Комшилук” освои признание „Арт Експлора” во Париз и стигна до финале на New European Bauhaus Prize во Брисел. Но Јовановски сам го поставува приоритетот: „Наjголемо признание за мене се реакциите на станарите. Оние кои живеат таму 40 години, а коментарот им е: Првпат се чувствувам гордо на тоа каде живеам. Ако се чувствуваш гордо каде живееш, автоматски ти почнуваш и да се грижиш за тој простор.”

е-Трн да боцка во твојот инбокс