Протекоа компромитирачки интимни видеа снимени во музичко студио во Тирана

Полицијата во Албанија отвори кривична истрага откако десетици експлицитни материјали со познати пејачки стигнаа на социјалните мрежи.

Албанската полиција и Обвинителството во Тирана отворија истрага откако на интернет и на платформите за комуникација протекоа компромитирачки интимни видеа на познати јавни личности, снимени во музичко студио во главниот град. Истражителите веќе го повикаа на повеќечасовен информативен разговор познатиот албански композитор Адријан Хила и извршија претрес во неговиот работен простор, проверувајќи сомнежи за неовластено снимање, уцена и нарушување на приватноста.

Истражните органи запленија компјутерска опрема, телефони и дигитални мемориски единици од студиото на композиторот Адријан Хила. Претресот следуваше по масовното споделување видеа на апликацијата Телеграм и на социјалните мрежи, каде што се појавуваат пејачки, модели и јавни личности во интимни ситуации. Според информациите на албанските медиуми, материјалите се тајно снимани со фиксна камера токму во просториите на музичкото студио каде што соработувале со авторот.

Хила се врати во Тирана и веднаш се јави во полиција. По неколкучасовен исказ пред инспекторите за компјутерски криминал, тој беше пуштен да се брани од слобода додека траат форензичките вештачења на уредите.

Случајот доби правна рамка откако една од оштетените жени лично поднесе кривична пријава до полицијата во Тирана. Таа пријавила дека била снимана без знаење и согласност, барајќи институционална заштита и запирање на дистрибуцијата на снимките.

Полицијата испитува и дали станува збор за организирана шема за изнуда. Постојат сомневања дека од дел од жените на видеата биле барани парични суми за материјалите да не стигнат до јавноста. Истражителите најавија сослушување и на новинар кој наводно прв поседувал дел од прашањата и снимките поврзани со случајот.

Албанскиот кривичен законик со членот 121 строго го санкционира неовластеното снимање, чување и ширење материјали што го нарушуваат приватниот живот на поединците. Доколку се докаже дека снимките се правени тајно и потоа дистрибуирани со цел уцена или јавно деградирање, предвидените казни достигнуваат повеќе години затвор.

Комесарот за заштита на личните податоци во Албанија повика на итно запирање на секое понатамошно препраќање и споделување на видеата, предупредувајќи дека секој корисник што дистрибуира таква содржина прави кривично дело и директно учествува во повреда на достоинството на жртвите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс