Немање соодветни кадри или неспремност на македонските политичари мажи да отстапат дел од својата моќ на жените

Колку се жените застапени во извршните позиции на власт во земјава?

По формирањето на новата влада, не стивнуваат реакциите на невладините организации за застапенсота на жените во новиот владин состав на премиерот Христијан Мицковски.

Платформата за родова еднаквост изрази сериозна загриженост за недоволната вклученост на жените на сите нивоа на управување. И покрај  тоа  што  државата  постигна  пресвртница  со  изборот  на  првата  жена Претседателка на државата, достигнување за пофалба што Платформата го поздрави, моментумот за што пошироко вклучување на жените  на  високи позиции  на  влијание и одлучување се чини дека е во застој, стои во нивната реакција.

„Вознемирувачки е што исклучувањето на жените од извршната власт е силно евидентно во новоформираната влада. Претходната влада имаше скромна 25% застапеност на жени во  министерски  улоги  (5  од  16  министерства).  Сепак,  оваа  бројка  сега  е  намалена  за половина, при што само 3 жени земаат министерски позиции од вкупно 24 (или само 13%). Овој регрес е  особено алармантен со оглед на иницијативата на Комисијата за еднакви можности при Собранието на Северна Македонија од 2023 година, која имаше за цел да воведе промени во изборниот законик кои подразбираа промена на постоечките квоти за репрезентативни позиции (пристап 50-50, односно 50% учество на жените во советите на локалните самоуправи и во собранието), како и вклучување квоти за позициите со извршна и одлучувачка моќ (30% за градоначалнички и 40% за министерски позиции)“, се вели во соопштението на Платформата за родова еднаквост.

Првата Експертска Влада предводена од Никола Кљусев (1991-1992)

Воведувањето на квоти во 2002 година значително ја подобри застапеноста на жените низ годините, но бенефитите не се проширија на позиции кои не се регулирани со квоти, што укажува  на  постоечки  системски  предизвици  за  жените  во  политиката.

„Составот  на актуелната влада забележува  загрижувачки пад на  политичкото учество на  жените, што сигнализира регрес во полето на родова еднаквост во политиката. Наодите  од истражувањата покажуваат  дека  една  од  главните  причини  за  недоволното учество на жените во политиката е токму недостатокот на политичка волја и несоодветната поддршка од политичките партии за вклученост на жените во процесите кои подразбираат моќ  на  индивидуално  одлучување.  Овие  пречки  потекнуваат  од  вкоренетите  родови стереотипи и одбивањето правично да се распредели моќта за одлучување. Таквиот отпор е  штетен,  не  само  за  жените,  туку  и  за  општеството  како  целина,  бидејќи  го  попречува решавањето  на  прашања  клучни  за  подобрување  на  квалитетот  на  животот  на  барем половина од населението. Од  клучно  значење  е  да  се  истакне  дека  Северна  Македонија  може  да  се  пофали  со поголем процент на високообразовани жени во споредба со мажи. Затоа, потсетуваме дека прашањето на недоволно политичко учество не е поврзано со недостатокот на амбиција или образовна квалификација кај  политичарките, туку истите се  соочуваат со системски“ се вели во реакцијата.

Платформа за родова еднаквост повика на итна акција за отстранување на бариерите за  вклучување на жените во политиката и обезбедување еднаква и правична застапеност на сите  нивоа на власта.

„Постигнувањето на вистинска родова еднаквост не е само прашање на правичност, туку е и неопходен предуслов за демократски и социјален напредок на Северна Македонија“ велат.

Во новата влада на Мицковски, од 20 министерски места со ресори и 3 без ресор, само три ресори се доделени на жени и тоа Министерство за Финасии на Гордана Димитриеска Кочоска, Министерстви за енергетика, рударство и минерални суровини на Сања Божиновска и Министерство за образование и наука на Весна Јаневска. Со тоа застапеноста на жените во оваа влада е сведена на 12.5 %, далеку под европскиот, но и македнски просек. Интересно е што сите три се кандидатки на ВМРО ДПМНЕ. Другите коалициони партнери не приложија ниту една кандидатка жена за министер.

Ако погледнеме назад, поновата историјата на земјава од 1991 година Македонија ја започнува без нити една жена во експертската влада на Никола Кљусев, за да во 1992 година во Владата предводена од Бранко Црвенковски, Гордана Силјановска Давкова ќе ја има улогата на првата министерка без ресор, а Софија Тодорова била министерка за развој.

И следната влада чиј мандатар е Бранко Црвенковски има само две жени минситерки и тоа Софија Тодорова, министерка за наука и Емилија Симоска министерка за образование.

Во Владата на Љубчо Георгиевски од 1998 година, исто така само две жени се на министерски позиции и тоа Милијана Даневска, министерка за развој и првата жена албанка на министерска позиција како министерка за наука Мерие Рушани како предлог на ДПА.

Составот на Владата во 2002 предводен од Бранко Црвенковски, ќе ја добие и правата жена вицепремиерка задолжена за европски интеграции Радмила Шеќеринска и министерката за надворешни работи Илинка Митрева. Две жени не само што ја претставуваа земјавата во дипломатијата, туку останаа забележани и нивните успеси на тоа поле.

Истите ќе останат и во владиниот состав во 2004 година предводен од премиерот Хари Костов.

Во кусиот мандат на Владо Бучковски, на Шеќеринска и Митрева ќе им се приклучи и Мери Младеновска – Ѓорѓиевска од СДСМ како министерка за правда.

Составот на Владата избран на 28 август 2006 година предводен од Никола Груевски има три жени во составот и тоа Габриела Коневска од ВМРО-ДПМНЕ, како потпретседателка за евроинтеграции, Гордана Јанкуловска од ВМРО-ДПМНЕ како министерка за внатрешни работи и Вера Рафајловска од НСДП, министерка за економија.

Дваесет и шесттата Влада на Република Македонија избрана по парламентарните избори одржани на 1 јуни 2008, во својот состав има само две жени и тоа Гордана Јанкуловска од ВМРО-ДПМНЕ како министерка за внатрешни работи и Елизабета Канчевска Милевска од ВМРО-ДПМНЕ како министерка за култура.

Во 2011 година во Владата чиј мандатар повторно е Никола Груевски покрај Гордана Јанкуловска и Елизабета Канчевска Милевска , влегува и Теута Арифи како заменик на Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, воедно и втора Албанка на позиција во извршната власт после Мерие Рушани.

Во 2014 година Груевски како премиер има само две жени министерки во владата и тоа Гордана Јанкуловска и Елизабета Канчевска Милевска, со што застапеноста на жените во владиниот состав е само 8 отсто или само две од 26 министерски места.

Триесетата влада на Македонија избрана по предвремените парламентарни избори од 11 декември 2016, чиј мандатар е лидерот на СДСМ Зоран Заев во својот владин состав ќе има 4 жени од 26 члена и 22 министерски места, што е околу 15 отсто застапеност на жените во извршната власт. Радмила Шекеринска е министерка за одбрана, Мила Царовска министерка за труд и социјална политика, Зорица Апостолска министер без ресор и Рената Дескоска министерка за образование и наука.

Следната влада на Зоран Заев формирана 2020 година, од 16 министерки места, 4 им отстапува на жените, што е и највисок просек на учество на жените во извршната власт, околу 20 отсто. Радмила Шеќеринска е првата министерка за одбрана, Мила Царовска е министерка за образование и наука, Јагода Шахпаска министерка за труд и социјална политикаи Ирена Стефоска, министерка за култутра.

Триесет и третата влада на Македонија избрана по оставката на втората влада на Зоран Заев на 16 јануари 2022 година чиј мандатар е Димитар Ковачевски од 17 министерски места, 4 им доделува на жени и тоа Славица Грковска, министерка без ресор, Славјанка Петровска, министерска за одбрана, Јована Тренчевска министерка за труд и социјална политика и Каја Шукова, Министерка за екологија.

До сега земјава немала рамноправен сооднос на бројот на мажи и жени во извршната власт. Немала ниту председател во законодавниот дом.

Само 30 отсто од новите пратениците во новиот состав се жени.

Иако бројот на жени во Парламентот расте од 1991 до сега, бројките се далеку од она што треба да бидат за да има родова еднаквост.

Првиот парламентарен состав од 1991 до 1994 година броел 115 мажи и 5 жени. Во следниот состав од 1994 до 1998 година бројот на жените во Собранието опаднал на 4. Од 1998 година до 2002 само 9 жени седеале во Собранието. Оттогаш па наваму, бројот расте во секој следен парламентарен состав од 24, на 36, на 42, 43, 48 и 47 пратенички од вкупно 120 мандати.

На последните локални избори во земјава од вкупно 301 кандидат за градоначалници, само 25 беа жени, а само две од нив успеаја да победат и до дојдат до градоначалничка функција. 

Иако реториките во предизборието се полни се ветувања за родова еднаквост и застапеност, реалноста е сосема поинаква.

На прашањето зошто немаат жена кандидат за министер, претставниците на неколку коалициони партнери пред неколку дена ќе изјават дека немале соодветни кандидати за тие позиции.
Прашањето е дали проблемот не лежи во немањето соодветни кадри, туку во неспремноста и ментaлитетот на македонските политичари мажи да отстапат дел од својата моќ на жените.

е-Трн да боцка во твојот инбокс