Недостатокот од сон го зголемува ризикот од низа здравствени проблеми, меѓу кои дијабетес, срцеви заболувања, дебелина и депресија, предупредува Центарот за контрола и превенција на болести. Спиењето е клучно за нормално функционирање на мозокот и телото, а неговиот недостаток има кумулативен ефект кој со текот на времето станува сѐ поопасен.
Еден од најпознатите примери е случајот на Randy Gardner, кој во 1963 година останал буден 11 дена и 25 минути, поставувајќи светски рекорд. Поради сериозните здравствени ризици, Guinness World Records од 1997 година повеќе не прифаќа вакви обиди.
Експертите истакнуваат дека на возрасен човек му се потребни најмалку шест до осум часа сон дневно. Веќе по 24 часа без сон се појавуваат тешкотии во концентрацијата и разликувањето меѓу будност и сон. Мозокот може накратко да „се исклучи“ во состојба позната како микросон, при што лицето изгледа будно, но има кратки периоди на намалена свесност, па дури и халуцинации.
Долготрајната несоница е толку штетна што етички не се спроведуваат истражувања кои би ја испитувале до крајни граници. Ретка наследна болест, позната како фатална фамилијарна несоница, покажува колку е сонот неопходен – кај заболените доаѓа до прогресивно оштетување на мозокот и смрт во рок од околу 18 месеци.
Истражувањата покажуваат дека по 16 часа будност вниманието значително опаѓа, а по 24 часа координацијата и реакциите се нарушуваат слично како при 0,1 проценти алкохол во крвта. По 36 часа се јавуваат хормонални нарушувања и зголемени воспалителни процеси, додека по 72 часа можни се анксиозност, депресија и халуцинации.
Недостатокот од сон не може едноставно да се „надомести“. Се создава таканаречен долг на сон, а за секој изгубен час потребен е значително подолг период на квалитетен одмор. Проблемот е што луѓето често не ја забележуваат сопствената намалена способност за концентрација, што може да има сериозни последици, особено при управување возило или носење важни одлуки.