Националниот електроенергетски систем на Куба денеска доживеа нов целосен колапс, оставајќи без електрична енергија речиси девет милиони жители, соопшти кубанското Министерство за енергетика. Државната мрежа целосно прекина со работа во период кога островот веќе минува низ длабока енергетска криза. Властите сè уште не ги соопштуваат конкретните причини за најновиот дефект, додека поголемиот дел од земјата се наоѓа во целосен мрак.
Енергетскиот систем на Куба со месеци работи на работ на издржливоста. Термоелектраните се стари со децении, дефектите се секојдневни, а државата нема ниту резервни делови ниту пари за нивна темелна модернизација.
Дури и пред денешниот тотален пад, секојдневието на граѓаните беше сведено на повеќечасовни рестрикции. Во текот на денешниот ден, уште пред прекинот на системот, надлежните очекуваа недостиг од околу 2.000 мегавати за време на вечерниот врв на потрошувачката. Тоа значи дека системот нема капацитет да ги покрие основните потреби ниту во редовни услови.
Проблемот дополнително се заостри откако САД го засилија притисокот врз транспортот на нафта кон Куба. Островот загуби клучен дел од испораките на енергенси од Венецуела, додека под американски притисок беа запрени и пратките што пристигнуваа од Мексико.
Официјална Хавана директно ги обвинува американските санкции за блокадата на увозот на гориво и опрема. Од друга страна, критичарите на власта посочуваат дека причините лежат во долгогодишното лошо управување со енергетскиот сектор и отсуството на системски инвестиции. Мрежата годинава паѓаше повеќе пати, оставајќи го населението без основни услови за живот.