Што се случува кога животот ќе ги измеша картите што внимателно сме ги подредувале?
Токму од тоа прашање тргнува новиот роман „Кој ги измеша картите“ на Катерина Петревска Трпеска – приказна за жена која се обидува да остане верна на себе додека се соочува со насилство, миграција, професионални предизвици и лични дилеми.
Во интервју за Трн, авторката зборува за инспирацијата зад романот, за тишината околу семејното насилство и за вербата дека литературата сè уште има сила да отвора разговори што општеството предолго ги избегнувало.
Трн: Насловот „Кој ги измеша картите“ веднаш буди љубопитност. Кој или што ги „меша картите“ во животот на Вашата хероина?
Kатерина: Сите посакуваме да го живееме сопствениот живот по своја мера, кроејќи свои планови и зацртани цели, но она што го живееме не зависи само од нас, контактот со останатиот свет, околностите, па и нашето моментално расположение, нашиот погрешно поставен крал на шаховската животна табла знаат да ги измешаат картите и да ја одведат играта во друга насока, не онака како што сме планирале. Хероината во романот „Кој ги измеша картите“ сфаќа дека во животот мешањето на картите може да се случи и од најмалото ветре кое не се приметува, во мал миг на невнимателност, погрешна одлука, премолченост…кога го прифаќа овој факт, таа одлучува: без разлика колку картите се измешани, што добива во делбата, од неа зависи како ќе ги нареди на крајот од играта.
Трн: Главниот лик е жена која постојано се обидува да најде рамнотежа меѓу сопствените соништа и очекувањата на околината. Дали сметате дека тоа е борба што ја водат многу жени денес?
Kатерина: На жената отсекокаш и се наметнува некое однесување пред општеството, нејзината вредност постојано е ставена на некоја вага на моралот, достигнувањата, остварувањата во животните улоги. Сметам дека особено денес, жените се растргнати во таа борба, остварување на сопствените соништа, докажување на сопстената вредност и секако очекувањата од општеството кое под лупа ја следи и очекува да биде совршена и во својата надворешна убавина но и емоционално и професионално совршенство.
Трн: Една од темите е и семејното насилство. Колку Ви беше важно оваа тема да не биде само дел од приказната, туку и повод за поширока општествена дебата токму денес со се ова што се случува?
Kатерина: Семејното, но и насилството воопшто се една комплексна и тешка тема, за која кога ја отвораме ни треба голема храброст и огромна доза на искреност најпрво пред самите себе, а потоа и кон целото општество. Најтешкиот дел од насилството е премолчувањето, потиснувањето, криењето. Кога еднаш пред себе ќе признаеме дека тоа за жал постои и одлучиме да пуштиме глас за истото, веќе сме чекор напред во борбата против него. Преку приказната во романот, не сакам да понудам готови одговори и осудувања, насилството секогаш има две страни и насилникот и жртвата имаат неизговорени нешта кои влијаат на ситуацијата, ниту пак знаеме што, кога и како довело до тоа жртвата да стане жртва, а насилникот – насилник. Но, откако ќе се прочита романот, ако читателот стане свесен дека не смееме да останеме рамнодушни на насилството, дека не треба да го премолчиме и дека треба да сме свесни за гласот на оние околу нас, сметам дека приказната ја постигнува сопствената цел.
Трн: Колку е важно литературата денес да отвора разговори за теми што сè уште се сметаат за табу?
Kатерина: Литературата има моќ преку пишаниот збор да допре до мислата на човекот, до неговите емоции и оној дел кој вешто се крие од надворешниот свет. Преку зборот човекот стигнува до оној дел каде што е најискрен самиот со себе. Затоа литературата преку тишината може да го раскаже она што треба да е најгласно, а го премолчуваме од страв, страм, осуда, општествени очекувања. Нејзината улога е важна за изградување на едно здраво општество.Преку раскажаните приказни, судбините на ликовите, нивните постапки, читателите можат да од различни аспекти да го разберат прашањето за многу табу теми кои се премолчуваат, да развијат критичко размислување, толеранција и емпатија. Всушност се охрабруваат за излагање на свои ставови кои нормано ќе се судруваат еден со друг, но тоа поттикнува рушење на предрасуди и отворен разговор за нештата што ни се случуваат.
Трн: Дали верувате дека книгите можат да променат нечие гледиште или дури и нечиј живот?
Kатерина: Авторите и книгите не можат магично да го променат светот, но ако барем кај неколку читатели поттикне размислување за нештата што ни се случуваат, дебата и изразување на сопствен став, соочување со стравот, веќе работите почнуваат да се менуваат, што всушност е и главна цел на литературата , да потенцира теми кои се маргинализирани, да го разбуди емоционалниот дел на човекот и неговата способност за расудување, да влијае на општеството.
Верувам дека книгата ја добива својата вредност кога по завршувањето на последната прочитана страница читателот веќе има свое мислење, чувства кои сака да ги искаже без разлика дали се позитивни или негатвни, важна е одлуката за нивно покажување, гласот за нив да биде слушнат.
Трн: На што најмногу би сакале читателите да се задржат по последната страница,– на приказната или на прашањата што таа ги отвора?
Kатерина: „Кој ги измеша картите“ е роман што не се чита лесно, не затоа што е тежок за разбирање, туку затоа што е тежок за прифаќање. Тој ја отвора вистината дека понекогаш најголемите битки не се водат во светот, туку во нас самите. Книга што не се завршува со последната страница, туку продолжува да живее и во мислите на читателот . Најважно ми е, секој што ќе го прочита овој роман да понесе со себе мисла за вистинските вредности. Да ја разбудат својата свест за гласот во нас и оние околу нас.
Трн: Дали веќе размислувате за нов книжевен проект и дали повторно ќе останете верни на темите што ја допираат современата жена?
Kатерина:Романот „Кој ги измеша картите“ е моја втора авторска книга, а мојот прв книжевен чекор го направив со објавување на збирка песни и раскази. Исто така моите стихови се дел и од неколку заеднички поетски изданија. Кога ќе погледнам наназад, сфаќам дека пишувањето не е мој избор, туку пат што тивко ме избра мене. Израснав меѓу книги, професионално се одлучив за македонскиот јазик и литература, чувствувам одговорност за нивно негување и пренесување на идните генерации. Се трудам кај учениците да развијам љубов кон македонскиот јазик и литература, негување, почитување и чување на културното наследство. Некако, зборовите отсекогаш биле мојот најприроден начин да го разберам светот.
Не би сакала однапред да зборувам за идната приказна, затоа што верувам дека секоја книга се раѓа во свој момент. Современата жена е неисцрпна инспирација, но животот знае да ни подели и нови карти, да не одведе на места каде што најмалку очекуваме, па така следниот книжевен проект мислам дека ќе се роди од животот – неговите пресврти, загуби, избори, очекувања и надежи. Доколку повторно се случи современата жена да биде во центарот на приказна, тоа ќе биде затоа што нејзината приказна е всушност приказна за сите нас.