Бугарски суд го врати правото за правно признавање на родот

По долгогодишен правен ќорсокак, судските одлуки за четири трансродови лица го трасираат патот кон европските стандарди и ја потврдија универзалната еднаквост на граѓаните
Фото: Ted Eytan / CC BY-SA 4.0

Врховниот касационен суд на Бугарија донесе историски пресуди со кои им овозможи на четири трансродови лица законски да ги променат ознаката за пол, името и единствениот матичен број во матичните книги на родените. Овој правосуден пресврт става крај на повеќегодишната институционална блокада и го усогласува бугарското судство со пресудите на Европскиот суд на правдата. Судиите експлицитно заклучија дека владеењето на правото подразбира универзална еднаквост во достоинството на секое човечко суштество, вклучително и на трансродовите луѓе.

Со оваа пресуда практично се надминува контроверзното толкување од 2023 година, кога истиот суд зазеде ригиден став дека бугарскиот устав признава единствено биолошки пол и дека институциите немаат законски основ за промена на податоците. Тогашната одлука создаде целосен правен вакуум и оневозможи остварување на основните граѓански слободи за заедницата. Сегашниот исчекор претставува јасна порака дека правната несигурност и отсуството на посебен закон не можат да послужат како изговор за ускратување на фундаменталните права.

Пресвртната точка во целиот процес дојде по пресудата на Европскиот суд на правдата во познатиот случај Шипова против Бугарија. Европскиот суд утврди дека националното законодавство што не дозволува усогласување на личните документи на граѓаните директно го крши правото на слободно движење и престој во рамките на унијата. Бугарската државјанка која речиси една деценија бараше признавање на својот родов идентитет додека живее во Италија, е токму една од четирите лица чии барања сега се конечно уважени од Врховниот суд.

Повикувајќи се на Повелбата за темелните права на Европската Унија и членот 8 од Европската конвенција за човекови права, бугарските судии нагласија дека правото на приватен живот го опфаќа и правото на самоопределување. Судот потенцираше дека одбивањето на правно признавање врз основа на апстрактни морални или верски концепти претставува неоправдан нееднаков третман. Во одлуките јасно се отфрла барањето за задолжителни хируршки интервенции, истакнувајќи дека таквите услови се во директен судир со почитувањето на физичкиот интегритет и човековото достоинство.

Иако одлуките на бугарскиот врховен суд отвораат врата за пониските судови, невладините организации како „Билитис“, „Дејствие“ и европската мрежа ТГЕУ потсетуваат дека ова е само почетен чекор. Бугарија сè уште нема донесено посебен закон за правно признавање на родот, што ги принудува граѓаните на долги и финансиски исцрпувачки судски процеси. Со цел целосно заштитување на човековите права, следен неопходен чекор за сите земји во регионот останува воспоставувањето на јасна, достоинствена и административна процедура заснована врз самоопределување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс