Студентското движење во Србија и официјално ја формираше групата граѓани под името „Студентска листа – Студентите победуваат“, со што најави директно учество на вонредните парламентарни избори закажани за 25 октомври. Претставниците на студентите во блокада ги соопштија првите 14 потписници на иницијативата, нагласувајќи дека нивната цел е преземање одговорност за иднината на државата. Овој политички потег следува веднаш откако српскиот претседател Александар Вучиќ во средата официјално го распиша предвременото гласање.
Одлуката за излегување на избори доаѓа по по блокадите и протестите на универзитетите, кои наметнаа силен општествен притисок врз актуелната власт во Белград. Претставниците на движењето посочуваат дека институциите во земјата повеќе немаат ниту волја, ниту легитимитет да им служат на граѓаните. Според нивното соопштение, предвремените избори претставуваат клучен механизам преку кој може да се реализираат барањата што претходно беа адресирани преку уличните собири.
Меѓу првите потписници на основачкиот акт се наоѓаат Марија Маруна, Катарина Шќепановиќ, Горан Перишиќ, Станислав Милошевиќ, Александар Чупиќ, Милјан Салата, Милица Јовановиќ, Сања Фриц, Мирјана Николиќ, Радомир Саичиќ, Душан Ѓурѓевиќ, Жељко Хубач, Маја Црногорац Ѓуриќ и Мирослав Андриќ. Од студентскиот блок нагласуваат дека веќе подолго време имаат подготвено целосна листа од 250 кандидати, изработена заедно со експерти од повеќе општествени области.
Официјалниот старт на теренските активности е закажан за утре со голем собир во Нови Сад, од каде што организаторите планираат да ја прошират пораката низ целата земја. Студентите порачуваат дека претстојното гласање носи исклучително поларизиран избор и порачуваат дека нема простор за компромиси со актуелниот систем. Нивниот фокус ќе биде ставен врз мобилизација на апстинентите и младите гласачи кои досега ретко гледаа опција во традиционалните опозициски партии.