Кој е Кир Стармер? Од адвокат за човекови права до британски премиер кој поднесе оставка

По најавата за оставка, вниманието повторно е насочено кон Кир Стармер – правник, поранешен обвинител и лидер на лабуристите кој ја врати партијата на власт во Велика Британија.
epa13055936 British Prime Minister Keir Starmer after making a statement in Downing Street, London, Britain, 22 June 2026. Keir Starmer has resigned as UK Prime Minister. EPA/TOLGA AKMEN

По најавата дека ќе се повлече од функцијата премиер на Обединетото Кралство и лидер на Лабуристичка партија, вниманието на јавноста повторно се насочи кон политичката кариера и животната приказна на Кир Стармер. Стармер соопшти дека ќе ја напушти лидерската позиција по зголемениот притисок од пратениците во неговата партија, помалку од две години по убедливата изборна победа која ги врати лабуристите на власт. Одлуката отвора нова трка за лидер на партијата и иден премиер на земјата.

Роден во 1962 година во мало место јужно од Лондон, Стармер потекнува од работничко семејство. Неговиот татко бил фабрички работник, а мајка му медицинска сестра која подоцна се соочила со сериозни здравствени проблеми. Токму овие животни искуства, според неговите соработници, силно влијаеле врз неговите политички ставови и чувството за социјална правда.

По дипломирањето на Правниот факултет на Универзитетот во Лидс и постдипломските студии на Универзитетот во Оксфорд, Стармер изгради успешна кариера како адвокат специјализиран за човекови права. Во 2008 година стана директор на Јавното обвинителство на Англија и Велс, функција за која доби витешка титула и го доби префиксот „Сер“.

Во регионот е познат и по својата улога во правниот тим што ја застапуваше Хрватска во тужбата против Србија пред Меѓународниот суд на правдата. Во политиката влезе релативно доцна. За пратеник беше избран во 2015 година, а само една година подоцна стана дел од кабинетот во сенка на лабуристите. Подоцна ја презеде лидерската функција и успеа да ја врати партијата на власт по долг период во опозиција.

На приватен план, Стармер е во брак со Викторија Александер, поранешна адвокатка и експерт за здравје при работа. Двојката има две деца. Познат е и како голем љубител на фудбалот и навивач на Арсенал. Неговото заминување означува крај на едно значајно политичко поглавје во британската политика и отвора неизвесност околу идниот правец на Лабуристичката партија и владата во Лондон.

е-Трн да боцка во твојот инбокс