„Статуафест“, кога улицата станува сцена: Живи статуи го освојуваат центарот на Скопје

„Статуафест – Другото лице на улицата“ слави 10 години со 15 улични акти, повеќе од 20 артисти и уметност што не бара да седнете во публика


Што се случува кога ќе престанете да бидете само минувач, а улицата одеднаш стане театар? Одговорот овие денови е во центарот на Скопје, каде живи статуи, перформанси и уметнички интервенции го претвораат секојдневниот градски простор во сцена. Десеттото издание на „Статуафест – Другото лице на улицата“ започна во Скопје и до 19 септември ја носи уличната уметност меѓу граѓаните, на плоштадот „Македонија“ и по улица „Македонија“.

Фестивалот, во организација на „Театроск“, веќе десет години го поместува театарот надвор од традиционалната сцена. Наместо публика во гледалиште, тука има случајни минувачи, љубопитни деца, туристи, луѓе кои брзаат некаде и уметници кои можат да ги сопрат барем за момент. Јубилејното издание се одржува под мотото „Слобода е да не го правиш она што не сакаш да го правиш“.

Во трите фестивалски вечери се претставуваат 15 улични акти со живи статуи, во кои учествуваат повеќе од 20 артисти од продукцијата на „Театроск“. Но, програмата не застанува кај живите статуи.

Дел од фестивалот е и уметничката инсталација „Силуети од минатото“ на Горан Казанковски. Минималистички изработените светлечки фигури се поставени како интервенција во јавниот простор и отвораат асоцијации со минатото, сеќавањата и луѓето кои остануваат присутни и кога физички повеќе не се тука.

Фестивалската програма вклучува и изложба на Ненад Рафајловски, инспирирана од живите статуи и визуелните улични перформанси што „Театроск“ ги создавал во Скопје и на европските фестивали во изминатите години.

„Статуафест“ продолжува и денес и утре, со почеток во 18:30 часот, на плоштадот „Македонија“ и улица „Македонија“. Уметноста овојпат не е зад врата, не е на билет и не бара посебна покана. Доволно е да поминувате низ центарот на Скопје и да застанете.


е-Трн да боцка во твојот инбокс