Вкупно 808 студенти за само еден ден пријавиле до „Студентарија“ дека останале без правото на бесплатен градски превоз откако Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје ги блокираше физичките картички без претходно известување. Проблемот настана при преминот кон дигиталните билети во апликацијата „СкопјеБус“ поради ненавремено усогласување на базите со податоци меѓу претпријатието и високообразовните установи.
Одлуката на ЈСП Скопје да ги исклучи физичките картички што досега се користеа за бесплатен студентски превоз се спроведе без јавна најава. На официјалната веб-страница на претпријатието не беше објавено соопштение, ниту пак факултетите добија информација што би ја пренеле на студентите.
Голем дел од младите првпат се соочија со блокадата директно при влегувањето во автобус, кога апаратите за валидација ги одбија нивните картички. Иако ги исполнуваат сите законски услови за користење на ова право, тие беа принудени да плаќаат билети или да се соочат со ризик од казни поради институционален пропуст за кој не сносат никаква одговорност.
Според сведоштвата на студентите доставени до платформата „Студентарија“, главната причина за застојот е неусогласената размена на податоци меѓу ЈСП и универзитетите. Дел од студентите уште во октомври ги доставиле сите потребни информации до своите факултети, но нивните профили сè уште не се активирани во новиот дигитален систем преку апликацијата „СкопјеБус“.
Со ваквиот потег, стариот систем беше згаснат пред новиот да стане целосно функционален за сите корисници. Наместо дигитализацијата да ја поедностави постапката за користење на јавниот превоз, техничката неподготвеност создаде директна финансиска и административна пречка за студентите среде семестар.
Податоците собрани од „Студентарија“ во првите 24 часа покажуваат дека проблемот зафаќа студенти од повеќе државни универзитети кои студираат во главниот град. Од вкупно 808 пријавени студенти без пристап до бесплатен превоз, дури 688 се од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ).
Дополнително, без активен дигитален билет останаа и 80 студенти од Универзитетот „Мајка Тереза“, 24 од Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) и 16 студенти од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО). Оваа бројка ги опфаќа само студентите што веќе го пријавиле проблемот, додека реалниот обем на засегнати корисници зависи од ажурноста на универзитетските служби.
Од „Студентарија“ упатија итно барање до ЈСП Скопје и универзитетите најдоцна до крајот на оваа недела да извршат ново усогласување на податоците и да ги ажурираат списоците со студенти. Целта е на сите редовни студенти што ги исполнуваат условите веднаш да им се овозможи пристап до дигиталните билети.
Паралелно со техничкото решение, студентите бараат контролорите на ЈСП да не пишуваат казни за административни и технички пропусти за кои самите патници не се виновни, сè додека системот целосно не се стабилизира. „Студентите не смеат да го губат своето право на бесплатен превоз поради пропусти на институциите“, порачаа од „Студентарија“.
