Кога културата станува отпор: како студентите во Ниш застанаа зад актерите во спорот со градската власт

По повеќе од шест децении традиција, „Филмски сусрети“ повторно не се одржуваат – во Ниш годинава се одржуваат два одделни фестивали, а студентите застанаа зад актерите во спорот со градската власт

Ниш годинава има два филмски фестивали. По спорот меѓу Градот Ниш и Здружението на филмски актери на Србија, традиционалниот фестивал посветен на актерските остварувања не се одржува втора година по ред. Наместо него, од 25 до 30 август Град Ниш и Нишкиот културен центар го организираа „Меѓународен филмски фестивал Ниш“, додека актерите од 29 август до 3 септември го организираат „Нишки Филмски фестивал“. Во приказната се вмешаа и студентите во блокада, кои јавно застанаа зад актерите и го претворија фестивалот во уште еден симбол на борбата за автономија на културата од политичката власт.

Како еден фестивал стана два

„Филмски средби“ повеќе од шест децении беа еден од симболите на Ниш и еден од најпознатите фестивали во Србија посветени на актерското творештво во домашниот игран филм. Фестивалот е основан во 1966 година, а негови основачи се Град Ниш и Здружението на филмски актери на Србија. Токму односот меѓу двата основачи во последните две години се претвори во сериозен спор.

Во 2025 година Собранието на Здружението на филмски актери на Србија едногласно одлучи да не го организира фестивалот, образложувајќи ја одлуката со актуелната општествена и политичка ситуација во Србија. Потоа Град Ниш организираше сопствена филмска манифестација, без учество на актерите. Спорот продолжи и во 2026 година.

Наместо договор за јубилејното 60. издание на „Филмски средби“, двете страни тргнаа одделно. Градот Ниш и Нишкиот културен центар од 25 до 30 август го организираа „Меѓународен филмски фестивал Ниш“, со 26 филмови, од кои 12 премиери.

Од друга страна, Здружението на филмски актери на Србија од 29 август до 3 септември го организира „Нишки Филмски фестивал“, со актерски и филмски програми, а на фестивалот се враќа и наградата „Павле Вуисиќ“. Така, во ист град, во период од само неколку дена, се одржуваат две одделни филмски манифестации, додека традиционалните „Филмски средби“ ги нема.

Фестивалот што почна со агрегат

Симболиката на спорот доби и многу конкретна форма. На 29 август, на отворањето на „Нишки Филмски фестивал“ организиран од актерите, организаторите морале да користат агрегати бидејќи, според известувањата од местото на настанот, градот не обезбедил електрична енергија за фестивалот. И покрај тоа, публиката се собра, а фестивалот беше отворен со актерите на црвениот тепих и со голем интерес од граѓаните.

Претседателот на Здружението на филмски актери на Србија, Петар Бенчина, пред почетокот на фестивалот зборуваше за тешкотиите во организацијата и за поддршката од Нишлии, нагласувајќи дека целта е да се зачуваат континуитетот и достоинството на актерската уметност. Така, агрегатот на отворањето стана речиси метафора за целата ситуација: фестивалот продолжува, но без институционалната поддршка што актерите ја очекувале од градот.

Каде се студентите во целата приказна?

Тука спорот престанува да биде само културен и станува дел од пошироката општествена криза во Србија. Студентите во блокада од Ниш јавно го поддржаа фестивалот организиран од актерите и ги повикаа граѓаните од Ниш, Србија и регионот да го посетат од 29 август до 3 септември.

Причината што ја наведуваат е директна: актерите биле со студентите од почетокот на протестите, па сега, како што велат, „ред е ние да бидеме со нив“. Во нивното соопштение студентите ја поврзуваат борбата за фестивалот со поширокото прашање на автономијата на културата.

„Културата не е ничија приватна сопственост“, порачаа тие, додавајќи дека Ниш не е сопственост ниту на политичка партија, ниту на градоначалникот.

Студентите истовремено ја критикуваа манифестацијата што ја организира градската власт, нарекувајќи ја паралелен фестивал и спротивставувајќи ја на традицијата на „Филмски средби“.

Во Ниш деновиве се случува интересна трансформација: филмскиот фестивал станува простор на граѓански отпор. Студентите не го организираат фестивалот, но го препознаваат како симбол на нешто за што и самите се борат автономија од политичка контрола, институционална одговорност и право јавниот простор и културата да не бидат партиска сопственост. И тука фестивалот престанува да биде само фестивал

Од солидарност до симбол на отпорот

Поддршката не е случајна. Актерите во Србија беа меѓу највидливите јавни личности кои ги поддржаа студентските протести. Токму затоа студентите денес го гледаат конфликтот околу фестивалот и како прашање на солидарност. Логиката е едноставна: Актерите застанаа зад студентите, студентите сега застануваат зад актерите.

Од таа перспектива, фестивалот не е само прашање на тоа кој ќе постави сцена, кој ќе го избере програмскиот совет или кој ќе ги доделува наградите. Станува збор за прашањето кој има право да одлучува за културната традиција на еден град и колку културните институции треба да бидат независни од актуелната политичка власт.

Културата како јавен простор

Филмскиот фестивал во Ниш сега стана дел од поширокото прашање што го отвори студентското движење во Србија: кому му припаѓа јавниот простор и кој има право да одлучува што ќе се случува во него? За студентите, одговорот е дека културата не треба да биде партиски плен.

За актерите, прашањето е како да се зачува традицијата на фестивалот и неговиот идентитет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс