Клод започнува да ги анализира навиките на корисниците со фокус на поздрави дигитални навики

Новата опција Рефлект на Антропик функционира како дигитално огледало кое ги прикажува најчестите теми на разговор и помага да изградите поздрави навики со вештачката интелигенција.

Трендот на годишни прегледи на активноста, кој стана исклучително популарен благодарение на Спотифај Рапд (Spotify Wrapped) , во последните години се прошири на речиси секоја поголема дигитална платформа. Од Јутјуб до Убер, голем број апликации сега нудат детален преглед на корисничките навики. Овој тренд официјално пристигна и во светот на вештачката интелигенција преку компанијата Антропик. Позната по својот напреден четбот Клод (Claude) , компанијата ја најави новата функција Рефлект, која овозможува детална анализа на интеракциите со вештачката интелигенција во изминатиот месец, три месеци, половина година или во текот на целата година. Овој потег совршено се вклопува во поширокиот бран на персонализација каде корисниците повеќе не сакаат генерички искуства, туку очекуваат технологијата да ги разбере нивните специфични потреби.

Од Антропик ја опишуваат оваа нова карактеристика како алатка преку која можете да ги согледате сопствените обрасци на однесување и да ги прилагодите. Процесот започнува со краток преглед на клучните теми за кои сте разговарале со Клод, како и видовите задачи кои најчесто сте му ги делегирале. Дополнително, се добива и анализа на времето кога сте биле најактивни на платформата. Со цел да се поттикнат поздрави дигитални навики, корисниците ќе можат да си постават сопствено време на тишина или потсетници за пауза по одреден период на непрекинато користење. Наскоро ќе биде достапна и метрика за вкупниот број часови поминати во разговор со четботот, што ќе даде појасна слика за улогата на вештачката интелигенција во секојдневните работни процеси.

Оваа опција овозможува лесно следење на активноста и преиспитување дали поминатото време е во согласност со вашите крајни цели. Алатката периодично ќе поставува прашања, како на пример што е онаа работа што би сакале да продолжите да ја правите сами дури и ако Клод може да ја заврши побрзо. Малку иронично, откако корисникот ќе одговори на ова прашање, системот веднаш ќе му понуди можност за тоа дополнително да поразговара со самиот четбот.

Кога станува збор за приватноста на податоците, Антропик нагласува дека Рефлект нема да повлекува содржини од датотеки во рамките на поврзаните алатки, како што е на пример содржината на електронската пошта. Сепак, самиот факт дека сте го користеле Клод за сумирање на пристигнатите пораки може да се појави како статистика во анализата. Апликацијата нема да ги зема предвид разговорите водени во анонимен режим, ниту пак ќе ги референцира разговорите поврзани со здравствени алатки. Кај чувствителните теми, компанијата останува малку недоречена, но наведува дека тие ќе се прикажуваат само на многу високо ниво на генерализација. Опцијата во моментов е достапна во бета верзија за бесплатните корисници, како и за претплатниците на напредните планови, а за нејзино функционирање потребно е да биде вклучена меморијата за разговори во поставките.

е-Трн да боцка во твојот инбокс