Климата ви троши двојно повеќе струја? Најчестата грешка не е квадратурата на станот

Погрешен избор на клима-уред може да ви ги зголеми сметките и да не лади како што треба. Еве што навистина треба да гледате при купување.

Со сè потоплите лета, клима-уредот станува неопходен, но многумина прават клучна грешка уште при купувањето, се водат исклучиво од квадратурата на просторот. Експертите предупредуваат дека токму ова е една од најчестите причини за високи сметки за струја и незадоволителен ефект на ладење.

Главното правило е едноставно: климата не смее да биде ниту преслаба, ниту пресилна.

Ако уредот е преслаб, тој ќе работи постојано под оптоварување, ќе троши повеќе електрична енергија и сепак нема да успее да го излади просторот. Од друга страна, пресилна клима ќе ја намали температурата пребрзо, но без ефикасно отстранување на влагата, што создава непријатно чувство на „ладна влажност“.

Квадратурата е само почеток

Иако квадратурата е важна, таа е само основен ориентир. За правилен избор, мора да се земат предвид и други фактори:

  • висината на таванот (поголем волумен = поголема потребна моќност)
  • квалитетот на изолацијата
  • големината и ориентацијата на прозорците
  • изложеноста на сонце (јужни и западни простории се потопли)
  • бројот на луѓе во просторијата
  • електричните уреди кои создаваат дополнителна топлина

Овие параметри директно влијаат врз тоа колку енергија е потребна за ефикасно ладење.

Заблуди што чинат пари

Честа грешка е и идејата дека една клима поставена во ходник може да излади повеќе простории. Во пракса, тоа ретко функционира добро, бидејќи воздухот не циркулира рамномерно.

Исто така, намената на просторијата игра важна улога дневните соби бараат посилни уреди поради повеќе луѓе и апарати, спалните соби бараат тивка работа за непречен сон и канцелариите се загреваат побрзо поради компјутери и поголема фреквенција на луѓе.

Колкава моќност е доволна?

Постои општо правило – околу 1 kW на 10 m², но тоа е само груба проценка. Во стандардни услови, приближните вредности се:

  • до 20 m²: 2.0 – 2.5 kW
  • 20 – 30 m²: 2.5 – 3.5 kW
  • 30 – 40 m²: 3.5 – 4.2 kW
  • 40 – 50 m²: 4.2 – 5.0 kW
  • 50 – 60 m²: 5.0 – 6.0 kW

Доколку просторот има слаба изолација или големи прозорци изложени на сонце, препорачливо е да се избере помоќен уред од овие вредности.

Погрешниот избор на клима не е само прашање на удобност туку и на трошоци. Наместо да се водите само од квадратурата, важно е да се гледа „целата слика“. Во спротивно, ризикувате да плаќате повеќе – за помал ефект.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни