Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, упати итен апел до земјите-членки да обезбедат дополнителни 100 милиони долари за финансирање на UNRWA, предупредувајќи дека агенцијата се наоѓа на работ на сериозна финансиска криза.
Гутереш порача дека, и покрај мерките за штедење и намалувањето на трошоците, УНРВА се приближува до „критична точка“, што може сериозно да ја загрози нејзината способност да им обезбедува помош на милиони луѓе. Агенцијата обезбедува образование, здравствена заштита, социјални услуги, засолниште и хуманитарна помош за околу 2,6 милиони палестински бегалци во Појасот Газа, Западниот Брег, Либан, Јордан и Сирија.
Намалени донации по израелските обвинувања
Финансиските проблеми започнаа да се продлабочуваат откако Соединетите Американски Држави, дотогаш најголемиот донатор на УНРВА, го прекина финансирањето во јануари 2024 година. Одлуката следуваше по обвинувањата на Израел дека дел од вработените во агенцијата биле поврзани со нападот на Хамас во октомври 2023 година.
И Шведска привремено го намали своето финансирање, додека дел од другите донатори ги паузираа исплатите до завршување на истрагите. Сепак, голем број држави продолжија да ја поддржуваат агенцијата.
„Не можеме да продолжиме вака“
Гутереш нагласи дека кризата со ликвидноста директно го загрозува мандатот на УНРВА, кој пред само шест месеци беше обновен со силна поддршка од Генералното собрание на ОН. „Не можеме да продолжиме вака без итна финансиска поддршка од земјите-членки“, изјави тој, додавајќи дека агенцијата веќе спровела реформи и ги заострила правилата за политичка неутралност и надворешни активности.
Според него, УНРВА останува клучен фактор за стабилност во регионот, додека во исто време се соочува со кампањи на дезинформации, законски ограничувања и дипломатски притисоци.
Гутереш потсети и дека од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година загинале 390 вработени на УНРВА, што претставува една од најтешките загуби за агенцијата во нејзината историја.