Министерството за здравство ќе објави епидемиолошки извештај за Гостивар

Клековски појасни дека извештајот ќе содржи податоци за текот на епидемијата, како и информации за постапувањето на надлежните институции

Министерот за здравство Сашо Клековски најави дека в четврток, 20 август, ќе биде објавен епидемиолошкиот извештај за состојбата во Гостивар, каде што повеќе од 5.000 граѓани беа заразени по консумирање вода од градскиот водовод.

Клековски појасни дека извештајот ќе содржи податоци за текот на епидемијата, како и информации за постапувањето на надлежните институции.

„Ќе биде наведено што и како и кои институции што направиле“, рече министерот, нагласувајќи дека станува збор за епидемиолошки извештај, а не за целосниот извештај од испитувањата на водата.

Според Клековски, резултатите од испитувањата на водата се во сопственост на Јавното комунално претпријатие и Општина Гостивар, па тие институции треба јавно да ги објават.

Министерот посочи дека Министерството за здравство ќе ги објави резултатите од испитувањата што се релевантни за епидемијата, односно податоците за периодот од 1 јануари 2026 година до врвот на епидемијата. Тој истовремено повика и Јавното комунално претпријатие и Центарот за јавно здравје Тетово да ги објават резултатите од дневните контроли на водата.

Клековски најави дека ќе бидат презентирани и податоци од претходни години, меѓу кои и испитувања од 2017 и 2019 година што се во сопственост на Министерството.

„Фокусот е од оваа епидемија да излеземе транспарентно и со научени лекции“, порача министерот, додавајќи дека треба детално да се утврди што се случувало со водоводниот систем и дали имало пропусти во реакцијата на институциите.

Водата во Гостивар беше забранета за пиење од 17 јули, откако вработени во комуналното претпријатие поставиле потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи, во близина на преливната комора со вода за пиење.

Од петокот, водата во Гостивар повторно е прогласена за безбедна за пиење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс