Кина воведе санкции за 10 американски компании поврзани со воената индустрија

Кина воведе санкции и забрани извоз на „двојна намена“ за 10 американски компании од одбранбениот сектор како одговор на нови американски ограничувања кон кинески фирми.

Кина денес воведе санкции против 10 американски компании поврзани со воената индустрија, како одговор на неодамнешниот потег на САД со кој на некои водечки кинески технолошки компании им се ограничува пристапот до договори со американскиот одбранбен сектор. Министерството за трговија на Кина соопшти дека на кинеските компании им се забранува извоз на стоки со двојна намена за овие 10 американски фирми, меѓу кои има производители на воени дронови и компании поврзани со ретки минерали. Стоките со двојна намена можат да се користат и за цивилни и за воени цели.

Според одлуката на кинеските власти, на компании и поединци од трети земји им се забранува да транспортираат ваква стока од Кина до санкционираните американски фирми, додека кинеските компании можат да поднесат барање за дозвола за извоз во посебни случаи.Министерството наведе дека забраната е воведена за заштита на националната безбедност и како одговор на, како што го нарече, „незаконското проширување на таканаречената листа на кинески воени компании“ од страна на американската влада.

Аналитичарот Џорџ Чен од консултантската фирма The Asia Group оцени дека забраната е неочекуван, но ограничен одговор, бидејќи повеќето погодени компании веќе имаат ограничено или никакво присуство во Кина, па ефектот ќе биде претежно симболичен. Кинеското Министерство за финансии дополнително соопшти дека државните институции ќе имаат забрана за купување производи од 46 американски компании, меѓу кои се делови од Lockheed Martin, Raytheon и General Dynamics.

Во краткото соопштение не беше наведен конкретен повод за оваа забрана.

Потегот следи откако американското Министерство за одбрана додаде неколку технолошки компании, меѓу кои Alibaba и Baidu, на листа на фирми за кои тврди дека имаат врски со кинеската војска. Baidu ја отфрли оваа оценка како „целосно неоснована“.

Оваа класификација на САД значи дека овие компании не можат да добиваат американски воени договори. Пекинг претходно оцени дека американските санкции се спротивни на договорите постигнати меѓу кинескиот лидер Си Џинпинг и американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговата посета на Кина во мај. Меѓу санкционираните американски компании се AVEOX, Red Cat Holdings, Teal Drones, IMSAR, Jaia Robotics, Ball Aerospace & Technologies, Oshkosh Defense, L3Harris, MP Materials и USA Rare Earth.

е-Трн да боцка во твојот инбокс