Кина го освојува германскиот автомобилски пазар – Увозот скокна на 121 отсто

Германската автомобилска индустрија бележи значајна промена во трговијата – извозот на нови патнички автомобили се намалува, додека увозот расте, а Кина за првпат се искачи на првото место меѓу странските добавувачи на автомобили за германскиот пазар

Според најновите податоци на германскиот Федерален завод за статистика, Германија од јануари до јули извезла околу 2 милиони нови автомобили, што е 4 отсто помалку од истиот период минатата година. Вредноста на извозот паднала уште поизразено – за 8,9 отсто, на 73,5 милијарди евра.

Падот е забележан кај сите главни видови погон. Извозот на автомобили со мотори со внатрешно согорување се намалил за 2,9 отсто, на околу еден милион возила. За исто толку проценти паднал и извозот на целосно електрични автомобили, на околу 560.000 возила, додека извозот на хибриди се намалил за 8,2 отсто, на околу 380.000 автомобили.

На другата страна од трговската сметка, Германија увезла околу 1,3 милиони нови автомобили, што е раст од 16 отсто во однос на првите седум месеци од 2025 година. Вредноста на увозот достигнала околу 34,9 милијарди евра, со раст од 12,6 отсто.

Најголемото изненадување доаѓа од Кина. Од таму во Германија пристигнале 175.000 нови автомобили, дури 120,9 отсто повеќе од една година претходно. Со тоа Кина го презеде првото место меѓу добавувачите, пред Чешка, од која биле увезени 173.000 автомобили, и Шпанија со 157.000.

Растот на кинескиот увоз е особено изразен кај електрифицираните модели. Увозот на хибридни автомобили во Германија пораснал за 36 отсто, додека увозот на целосно електрични автомобили скокнал за 66,3 отсто. Во исто време, увозот на автомобили со мотори со внатрешно согорување се намалил за 9 отсто.

Германија и понатаму останува еден од најголемите извозници на автомобили во светот, а главни пазари за нејзините нови автомобили се Велика Британија, САД и Италија, кои заедно презеле 32,7 отсто од германскиот извоз во првите седум месеци. Но, новите податоци покажуваат дека германскиот автомобилски пазар истовремено станува сè позависен од увозот, особено во сегментот на електрични и хибридни возила.

Промената доаѓа во период кога германската автомобилска индустрија се соочува со силна конкуренција на глобалниот пазар и со забрзана промена кон електрифицирани возила. Самите податоци на Destatis покажуваат дека во германската автомобилска индустрија и нарачките во јули паднале за 1,7 отсто во однос на претходниот месец.

Најсилниот сигнал од новите статистики, сепак, е кинескиот пробив: за само една година Кина од четврти снабдувач на нови автомобили за Германија се искачи на прво место, со повеќе од двојно зголемен извоз кон германскиот пазар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс