Парискиот суд ѝ додели оштета од едно евро на Ким Кардашијан за вооружениот грабеж од 2016 година, уважувајќи го барањето на самата американска ѕвезда. Осум лица беа осудени за упадот во луксузната резиденција за време на модната недела, а пресудата за отштета става правна точка на случајот кој Кардашијан го опиша како најтрауматичното искуство во својот живот.
Кардашијан и нејзината стилистка Симон Харуш преку заедничко соопштение порачаа дека целта на постапката не била финансиска корист. Двете побараа и добија по едно евро.
„Тоа искуство беше длабоко трауматично и последиците останаа со нас. Денешната одлука не е прашање на отштета, туку на одговорност и признавање“, наведоа тие.
Судот одреди многу повисок износ за поранешниот рецепционер на хотелот „Де Пурталес“. Нему му се доделени 109.516 евра поради претрпената траума ноќта кога разбојниците упаднаа во зградата. Рецепционерот првично побаруваше 550 илјади евра. Самиот хотел доби отштета од 50.000 евра.
Двајца од напаѓачите, преоблечени како полициски службеници, на 2 октомври 2016 година влегоа во апартманот на Кардашијан, ја врзаа со пластични стеги и леплива лента, па побегнаа со накит вреден над шест милиони долари. Меѓу одземените парчиња беше и нејзиниот дијамантски прстен.
Француските медиуми ја нарекоа групата „дедовци разбојници“, бидејќи шестмина од обвинетите имаа меѓу 60 и 70 години за време на судскиот процес. Тие одговараа за вооружен грабеж, киднапирање и злосторничко здружување. Ниту еден од осудените нема да оди во затвор, со оглед на тоа што казната ја отслужија во претходен притвор, а ниту една страна не поднесе жалба на пресудата.