Вооружени напаѓачи киднапирале нафтен танкер кај брегот на јеменската провинција Шабва, соопшти јеменската крајбрежна стража. Според првичните информации, неидентификувани лица се качиле на танкерот M/T EUREKA, ја презеле контролата врз бродот и го насочиле кон Аденскиот Залив, во правец на сомалиските води.
Крајбрежната стража соопшти дека локацијата на танкерот е утврдена и дека се преземаат мерки за негово следење, враќање под контрола и обезбедување на екипажот. Засега нема официјални информации за идентитетот на напаѓачите, бројот на членови на екипажот или дали има повредени.
Речиси во исто време, британската служба за поморска безбедност UKMTO пријави сомнителна активност на околу 84 наутички милји југозападно од пристаништето Мукала, на јужниот брег на Јемен. Според извештајот, на брод за расут товар му се приближиле мал чамец и рибарски брод на растојание од околу 500 метри.
Инцидентот се случува во период на зголемени безбедносни ризици за пловидбата околу Јемен, Аденскиот Залив и поширокиот регион. UKMTO и други поморски служби во изминатите недели регистрираат повеќе пријави за сомнителни пристапи и напади врз бродови, додека трговските рути се под дополнителен притисок поради војната меѓу САД, Израел и Иран и блокадите што го погодија транспортот на енергенси.
Засега не е јасно дали киднапирањето на M/T EUREKA е поврзано со пиратски групи од Сомалија, вооружени групи во Јемен или со пошироката регионална нестабилност. Но, фактот дека танкерот бил насочен кон сомалиските води повторно ги отвора стравувањата од враќање на пиратството во еден од најважните поморски коридори во светот.