Педесет и едногодишната Викторија Стелас од Англси денес се бори со губење на меморијата, напади и секојдневно зема меѓу 15 и 18 таблети, откако каснување од крлеж за време на летување во Грција ја довело до речиси шест недели во кома.
Викторија во 2019 година престојувала на грчкиот остров Сирос, каде добила симптоми слични на грип. Набрзо по враќањето дома почнале ноќни напади, а лекарите првично не можеле да ја утврдат причината.
Дијагнозата ја добила по 42 дена
По магнетна резонанца, Викторија со хеликоптер била префрлена во специјализираниот центар Walton во Ливерпул, каде била ставена во индуцирана кома. Дијагнозата била поставена дури по 42 дена, пишува BBC Wales.
Лекарите утврдиле дека станува збор за крлежов менингоенцефалитис, потенцијално смртоносно воспаление на мозокот што го пренесуваат крлежи.
„Тоа целосно ми го промени животот. Освен одењето на работа, повеќе не излегувам толку често“, раскажала Викторија.
Таа верува дека крлежот ја каснал на имот на нејзиниот девер, кој чувал кози – животни што често привлекуваат крлежи.
„Не можев да се сетам на имињата на децата и колегите“
Викторија вели дека нападите постојано се повторувале, а никој не знаел што точно се случува. Од приемот во болница до крајот на лекувањето поминале околу шест месеци.
Поради последиците од болеста, таа ја изгубила работата во паб, како и работата како асистентка во училиште за деца со тешкотии во развојот.
„Кажете ми која работа не бара меморија? Сè што правите во животот бара паметење – купување, работа, патување“, вели таа.
Кога се обидела повторно да работи како асистентка, не можела да се сети на имињата на децата во класовите, па дури ни на имињата на колегите. Луѓето ги препознавала, но не можела да ги поврзе со имињата, проблем што го има и денес.
Ризикот е мал, но последиците можат да бидат сериозни
Според британската здравствена служба NHS, крлежовиот менингоенцефалитис е вирусна инфекција што ја пренесуваат крлежи во Европа, Русија, како и во делови од Кина и Јапонија.
Симптомите обично се јавуваат околу една недела по каснувањето и може да вклучуваат замор и главоболка, по што кај дел од пациентите може да следуваат напади, збунетост и тешкотии со говорот.
NHS советува вакцинација најмалку еден месец пред патување во земји каде што инфекцијата е почеста.
Викторија, која е родена во Грција и секоја година летува таму, вели дека не знаела дека постои вакцина. Сега сака да ја подигне свеста за инфекцијата и ги повикува луѓето да се вакцинираат ако патуваат во ризични области.
Што советуваат експертите?
Заводот за јавно здравство на Велс препорачува при престој во подрачја со крлежи да се носат долги ракави и долги панталони, да се користат репеленти и темелно да се проверат телото и облеката по престој во природа. Крлежот треба да се отстрани што е можно побрзо со пинцета.
Професорот Бенедикт Мајкл од Универзитетот во Ливерпул, експерт за зоонози, вели дека бројот на случаи на крлежов менингоенцефалитис во светот расте, но во Обединетото Кралство и натаму е многу мал.
Според него, околу 3 проценти од заразените развиваат компликации во форма на воспаление на мозокот, додека 97 проценти немаат симптоми или минуваат низ фаза слична на грип.
„Станува збор за сериозна состојба бидејќи немаме ефикасни антивирусни лекови. Кога некој ќе развие енцефалитис, како во случајот на Викторија, лекувањето е поддржувачко. Затоа е важно да се подигнува свеста, бидејќи болеста може да се спречи со вакцинација“, објаснува тој.