„Кармина Бурана“ вечерва во Градски парк: над 200 музичари во голем регионален спектакл

Во Градскиот парк во Скопје вечерва ќе биде изведена „Кармина Бурана“ со над 200 музичари од Македонија, Бугарија и Грција – голем проект на културна соработка и дипломатија.

Во Градскиот парк во Скопје вечерва во 21 часот ќе биде изведена музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, во изведба на оркестарот на Филхармонијата. Настанот претставува свечена завршница на концертната сезона „Без филтер“ и ќе обедини повеќе од 200 музичари од регионот.

Покрај оркестарот на Филхармонијата, во проектот учествуваат и музичари од Софиската филхармонија, Државниот симфониски оркестар од Солун, хорот на Македонската опера и балет, детскиот хор „Пиколо“ и хорот од Музичкото училиште од Солун. Диригент е маестро Најден Тодоров од Бугарија, кој е и иницијатор на проектот, претходно реализиран во Софија и Солун, а сега и во Скопје.

Како солисти ќе настапат сопранистката Ана Дурловски, тенорот Николас Спанос од Грција и Иво Јорданов од Бугарија.

Сопранистката Дурловски оцени дека проектот претставува пример за културна дипломатија и доказ дека музиката ги надминува границите и создава заедништво меѓу народите. Слично размислување изнесе и концертмајсторот Владимир Костов, кој нагласи дека музиката е универзален јазик што обединува луѓе од различни држави. Директорот на Филхармонијата, Мустафа Имери, истакна дека станува збор за голем музички спектакл и значајна регионална соработка која ја покажува моќта на уметноста да обединува без граници. Министерот за култура и туризам Зоран Љутков нагласи дека културата има најголема вредност кога излегува од институциите и станува достапна за сите, посочувајќи дека концертот е бесплатен и наменет за граѓаните.

Според него, настанот носи и симболично значење како продолжение на идејата за Балканска филхармонија. Директорот на Државната филхармонија од Солун, Симос Папанас, додаде дека проектот гради мостови на соработка меѓу балканските земји и покажува дека уметноста може да обединува дури и во сложени времиња.

е-Трн да боцка во твојот инбокс