„Кармен“ на Драмски театар игра на фестивалот БАБЕЛ во Романија

Монодрамата „Кармен“ на Драмски театар – Скопје вечерва гостува на 14. Меѓународен фестивал БАБЕЛ во Т’рговиште, Романија.

Монодрамата „Кармен“ на Драмски театар – Скопје вечерва ќе биде изведена во официјалната програма на 14. Меѓународен фестивал за изведувачки уметности БАБЕЛ во Т’рговиште, Романија.

Гостувањето е значаен момент за претставата, која од премиерата во мај 2021 година до денес стигна до својата 51. изведба. „Кармен“ е работена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ на шпанскиот писател Мигел Делибес, а во центарот на сцената е актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, која за оваа улога има добиено повеќе меѓународни награди и признанија.

Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајкоски.

Фестивалот БАБЕЛ е основан во 2007 година од Театарот „Тони Буландра“ и е замислен како простор за средба на различни култури, театарски јазици и современи сценски практики. Неговото име е инспирирано од библиската Вавилонска кула и ја носи идејата за дијалог меѓу различни јазици, уметнички изрази и културни искуства.

Програмата на фестивалот опфаќа драмски претстави, современ танц, уличен театар, циркуски изведби, перформанси, музички настани, работилници, мастер-класови, изложби и мултимедијални проекти. За време на фестивалот, Т’рговиште се претвора во голема сцена, со настани во театри, на плоштади, историски локации и алтернативни простори.

На годинашното издание учествуваат ансамбли и уметници од Европа и Азија, меѓу кои театарски куќи од Полска, Грузија, Португалија, Франција, Чешка, Јужна Кореја и други земји.

За Драмски театар, ваквите меѓународни гостувања се важни не само како претставување на македонската театарска продукција надвор од земјата, туку и како можност за поврзување со современите сценски форми, различни театарски естетики и мрежи на фестивали, селектори и театарски директори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс