Растат цените на кондомите поради кризата на Блискиот Исток

Karex, најголемиот светски производител на кондоми, најави зголемување на цените за 20 до 30 проценти поради нарушувањата во снабдувањето и растечките транспортни трошоци поврзани со кризата на Блискиот Исток.

Малезиската компанија Karex, најголемиот светски производител на кондоми, најави дека ќе ги зголеми цените за 20 до 30 проценти, а можеби и повеќе, ако продолжат нарушувањата во синџирите на снабдување поврзани со војната со Иран. Компанијата истовремено бележи и раст на побарувачката, затоа што транспортните трошоци и доцнењата во испораките ги намалија залихите кај купувачите.

Karex Bhd, малезиската компанија што важи за најголем светски производител на кондоми, планира значително да ги зголеми цените на своите производи поради нарушувањата во снабдувањето предизвикани од кризата на Блискиот Исток. Извршниот директор Го Миах Кијат изјави дека цените ќе пораснат за 20 до 30 проценти, а можен е и дополнителен раст ако проблемите продолжат.

Компанијата наведува дека нема многу простор за поинаква реакција, бидејќи трошоците за производството и транспортот нагло се зголемиле. Според директорот, ситуацијата е „многу кревка“, а трошоците за суровини и испорака мора да бидат префрлени врз купувачите.

Karex произведува повеќе од пет милијарди кондоми годишно и снабдува големи брендови како Durex и Trojan, но и јавни здравствени системи и програми за помош, вклучително и британскиот NHS и програми на Обединетите нации.

Од почетокот на конфликтот кон крајот на февруари, компанијата бележи раст на цените на повеќе клучни материјали, меѓу нив синтетичка гума, нитрил, амбалажа, алуминиумска фолија и силиконско масло. Станува збор за материјали поврзани со петрохемиската индустрија, која е директно погодена од нестабилноста во регионот.

Паралелно со тоа, побарувачката за кондоми оваа година пораснала за околу 30 проценти, додека доцнењата во поморскиот транспорт дополнително го влошуваат снабдувањето. Испораките на Karex кон Европа и САД сега траат речиси два месеца, наместо околу еден месец како порано.

И покрај ова, компанијата соопштува дека во моментов има залихи за неколку месеци и планира да го зголеми производството за да одговори на растечката побарувачка. Но истовремено предупредува дека голем број земји во развој веќе се соочуваат со недоволни резерви, особено поради подолгото време потребно за производите да стигнат до нив.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни