„Као, какао“ го отвора БитФест: Битола влегува во културно лето со над 60 настани

Со македонскиот мјузикл инспириран од музиката на Влатко Стефановски, вечерва во Битола почнува новото издание на Битолското културно лето „БитФест“.
Photo: BitFest

Битола вечерва влегува во летен културен ритам. Со мјузиклот „Као, какао“, инспириран од музиката на Влатко Стефановски, по текст на Венко Андоновски и во режија на Дејан Пројковски, започнува новото издание на Битолското културно лето „БитФест“.

Фестивалот ќе трае од 19 јуни до 29 август и ќе донесе богата програма на повеќе локации низ градот. Годинава се најавени 20 проекти од драмската дејност, 6 изложби, 40 музичко-сценски манифестации и две фолклорни манифестации.

Составен дел од „БитФест“ ќе бидат и традиционалните фестивали „Илинденски денови“, „Битолино“ и „Локум фест“, со што Битола во наредните два месеци ќе биде една од најживите културни сцени во земјата.

Симон Трпчески, „Танец“, „Ладо“ и јубилеј на „Фолтин“

На годинешното издание ќе настапат и националните ансамбли „Танец“ од Македонија и „Ладо“ од Хрватска, а концерт во Хераклеја ќе одржи и пијанистот Симон Трпчески.

На истата локација, на 29 август, фестивалот ќе биде затворен со јубилеен концерт на групата „Фолтин“, која годинава одбележува 30 години постоење.

Директорот на КИЦ Битола, Димитар Михајловски, изјави дека е задоволен од селекцијата и избраните содржини, особено затоа што оваа година КИЦ првпат се јавува како директен организатор на „БитФест“.

„Мотив за плакатот на годинешниот фестивал е муралот ‘Битола, бабам Битола’ на академскиот сликар Борко Лазески, кој долги години ја краси големата шалтер сала на битолската Пошта. Плакатот ќе биде поставен на сите фестивалски содржини“, истакна Михајловски.

Битолското културно лето ќе се реализира во Офицерскиот дом, старата битолска чаршија, Центарот за култура, Хераклеја и други локации низ Битола.

е-Трн да боцка во твојот инбокс