Канје Вест, кој настапува под името YE, ќе одржи концерт на 11 јули 2026 година во Тирана. За оваа пригода, во главниот град на Албанија ќе биде изграден посебен привремен стадион „Игл“, со капацитет од 60.000 посетители.
Организаторите најавуваат дека станува збор за уникатен концертен спектакл што треба да ја стави Албанија на мапата на големите меѓународни музички настани.
Веста за концертот ја сподели и албанскиот премиер Еди Рама на својот профил на „Фејсбук“.
Настапот во Тирана доаѓа откако претходно беа откажани концерти на Канје Вест во Велика Британија, Полска и Швајцарија.
„Ова не е само обичен концерт. Целта на проектот е да се создаде уникатен момент што ги поврзува изведувачот, публиката и самото место. Со ова, сакаме да го привлечеме глобалното внимание кон Тирана и во исто време да поставиме нови стандарди за концертите во регионот“, велат организаторите.
Стадионот „Игл“ ќе биде привремен објект изграден исклучиво за овој настан. Ќе биде сместен покрај автопатот Тирана–Драч, приближно два километри од градот, и е дизајниран да обезбеди посебна атмосфера за големиот музички спектакл.
Концертот ќе се одржи на 11 јули 2026 година. Билетите ќе бидат достапни исклучиво преку yealbania.com. Цените започнуваат од 99 евра, односно 9.500 албански леки.
Претпродажбата започнува на 5 мај во 12:00 часот, додека редовната продажба почнува еден ден подоцна, на 6 мај, исто така во 12:00 часот.
Главен организатор на концертот е Streetlife, германска продукциска компанија за настани и концерти од Берлин, која работи од средината на 1990-тите. Компанијата е позната по соработки со бројни глобални ѕвезди. Локалната продукциска поддршка во Албанија ја обезбедуваат Redcloud од Тирана и Live Label од Холандија.