Канал 103 со „Радио дом“ ја поврзува скопската и берлинската радио сцена

Канал 103 со „Радио дом“ гостува во Cashmere Radio во Берлин, каде четворица млади членови ќе истражуваат радио, заедница и културна размена.

Четворица помлади членови на Канал 103 од 1 до 11 јуни ќе бидат дел од „Радио дом“, резиденцијален престој во сестринското Cashmere Radio во Берлин.

Резиденцијата е замислена како отворен процес на слушање, учење и истражување на радиото како простор за заедница, културна размена и експеримент. Програмата ќе се одвива преку живи и претходно снимени емисии, спонтани радио моменти, разговори и теренски снимања.

Во Берлин ќе учествуваат Рина Јанкулововска, Тео Симоновски, Матеј Борисов и Бранко Бјадов, кои преку престојот ќе го истражуваат радиото надвор од класичните формати, како медиум што поврзува луѓе, градови, сцени и идеи.

Програмата започнува на 2 јуни во 18:30 часот со воведно радио вклучување што ги поврзува Скопје и Берлин, а ќе кулминира на 10 јуни со заедничка завршна програма.

„Радио дом“ е дел од пошироката програма за одбележување на 35 години Канал 103 и продолжение на долгогодишната соработка со Cashmere Radio. Таа соработка се темели на заедничка посветеност кон самоорганизираната радио култура, независната сцена и радиото како слободен простор за изразување.

Резиденцијата е поддржана од програмата Culture Moves Europe.

е-Трн да боцка во твојот инбокс