Канадскиот премиер до Трамп: „Престанете со мемиња и провокации, па да преговараме“

Канадскиот премиер Марк Карни го повика Вашингтон да престане со провокациите и да се врати на сериозни трговски преговори, додека спорот меѓу САД и Канада повторно ескалира.

Канадскиот премиер Марк Карни му порача на тимот на американскиот претседател Доналд Трамп да престане со „мемиња, провокации и обиди да изгледа цврсто“ и да се врати на сериозни трговски преговори со Канада. Карни изјави дека разговорите меѓу двете земји можат да продолжат доколку Вашингтон навистина сака договор, но истовремено го обвини САД дека поставуваат услови што би можеле постепено да ја уништат канадската индустрија.

Ескалира вербалниот конфликт

„Кога Американците ќе престанат со мемиња и провокации, ќе престанат да се прават цврсти и сериозно ќе пристапат кон разговорите, можеме да преговараме“, изјави Карни.

Тој додаде дека ваквиот пристап не е конструктивен, но дека тоа е „нивната демократија“.

Изјавата доаѓа по серија остри пораки од Вашингтон, кои следуваат откако преговорите меѓу двете земји пропаднаа на 21 август. Во меѓувреме, Трамп предложи преименување на езерото Онтарио во „Езеро Америка“ и повеќепати ја исмеваше Канада на социјалните мрежи.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека Канада не може да му возвраќа на американската економија, која е многу поголема. Во вербалниот конфликт се вклучи и американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет. Тој на интернет објави фотографија од две канадски кадетки од центар за обука во Британска Колумбија, со натпис „ова е реалноста“ и канадско знаме.

Карни ја оцени објавата како „недостојна за функцијата“ што ја извршува Хегсет.

Пентагон застана зад министерот, оценувајќи дека неговата објава на платформата X „зборува сама за себе“.

Бесент потоа изјави дека тој и Хегсет со зборови го „дотепале“ Карни, додека на повикот на канадскиот премиер Вашингтон да ги прекине провокациите и да се врати на преговорите одговори со: „Па, тој беше тој што рече дека сме во војна“.

Канада ги отфрла американските услови

Карни смета дека американскиот пристап во преговорите би можел канадските компании практично да ги претвори во подружници на американски корпорации. Според него, Вашингтон бара услови под кои канадската индустрија постепено би слабела, сè додека целосно не исчезне. „Секако дека нема да прифатиме такви услови“, порача канадскиот премиер.

Тој посочи дека САД барале „неконкурентен“ договор за стратешки важни сектори, меѓу кои и автомобилската индустрија, а истовремено барале промени што би можеле да ја загрозат заштитата на францускиот јазик и култура во Канада.

Карни нагласи дека секое од овие прашања само по себе би било доволна причина за блокирање на договорот. Канадскиот премиер исто така порача дека Вашингтон се обидел да влијае врз идните трговски договори на Канада.

„Канада е суверена држава. Ќе склучуваме договори за слободна трговија со земји со кои ние сакаме“, изјави тој.

Карни ја зајакнува позицијата во Канада

Претседателката на Канадскиот конгрес на работниците, Беа Бруске, изјави дека Карни им порачал на синдикалните лидери да не очекуваат брзо враќање на односите со САД во нормала. Ситуацијата, според неа, станува „нова нормалност на која сите мора да се навикнеме“.

Позицијата на Карни дополнително ја зајакна успехот на либералите на три дополнителни избори, одржани во понеделникот. Особено важна е победата во Квебек, каде што конзервативците завршија на третото место. Со овие резултати либералите обезбедија 173 од вкупно 343 места во Долниот дом на канадскиот парламент, што му дава дополнителна политичка сила на Карни во спорот со Трамп.

Нелсон Вајсман, професор емеритус по политички науки на Универзитетот во Торонто, смета дека заканите на Трамп за анексија имаат особено силен ефект во Квебек. „Жителите на Квебек можат најмногу да изгубат во црното сценарио во кое САД би ја апсорбирале Канада, бидејќи тогаш би исчезнал посебниот статус на францускиот јазик“, објасни тој.

Следуваат нови царини

Трговските преговори пропаднаа откако двете страни не успеаја да постигнат договор, по што Трамп воведе царини од 50 отсто за канадска стока во вредност од околу 20 милијарди долари. Канада најави возвратни царини за американска стока со приближно иста вредност. Тие треба да стапат во сила на 8 септември, а ќе се движат од 15 до 50 отсто.

Со тоа, трговскиот спор меѓу двете соседни земји влегува во нова фаза, додека политичката реторика меѓу Отава и Вашингтон станува сè поостра.

е-Трн да боцка во твојот инбокс