ВИДЕО: Исчезна па се појави џиновски пловечки остров во Канада

Парче земја со жива шума поголемо од фудбалски стадион отплови 30 километри низ канадското вештачко езеро пред да се насука.

Масивна земјена површина обрасната со живи дрвја, која на почетокот на август ненадејно исчезна на езерото Вилистон во Британска Колумбија, повторно е пронајдена на другата страна од брегот. Овој необичен пловечки остров помина растојание од околу 30 километри пред да се запре во планинскиот ракав Оспика, соопшти канадската енергетска компанија „Би-си хидро“.

Пловечката маса има димензии од околу 140 метри должина и 70 метри ширина, што зафаќа површина од речиси 9.800 квадратни метри. Станува збор за простор поголем од стандардно канадско фудбалско игралиште.

Според претставниците на „Би-си хидро“, рекордно високиот водостој веројатно откинал дел од разгранетиот брег на акумулацијата, по што силните ветрови ја потиснале целата површина преку водата.

„Водата во езерото се движи многу бавно кон браната, па ветрот беше главната сила што го туркаше ова парче копно“, изјави портпаролот на компанијата Боб Гамер.

Необичната појава први ја забележале локални рибари и водичи. Мариен Андерсон, која десет години организира тури на езерото, вели дека глетката личела на „килим од дрвја што патува“. Кога подоцна се вратиле, островот веќе го немало на првичната локација.

Новата положба ја лоцирал Финли Фаркуар, радиотехничар од Велика Британија, со помош на јавно достапни сателитски снимки.

Џон Клаг, професор по науки за Земјата на Универзитетот „Сајмон Фрејзер“, вели дека децениската ерозија го направила брегот подложен на одрони.

„Ова лесно би можело да биде светски рекорд за ваква пловечка маса со живи, исправени дрвја што успеала да помине толкаво растојание без да се распадне“, посочува Клаг.

Енергетската компанија нема да брза со отстранување на масата, но будно ќе го следи нејзиното движење доколку повторно се одвои или почне да се распаѓа на помали делови опасни за пловидба.

Истовремено, надлежните упатија строго предупредување до љубопитните граѓани да не се качуваат на површината, бидејќи корењата и почвата се крајно нестабилни. Приближување со чамци и снимање со дронови е дозволено, но одењето по дрвјата претставува директен ризик од пропаѓање во водата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс