Search
Трн на „Мери Џејн“- најголемиот канабис фестивал и експо во Европа

Канабис – движење што ги редефинира медицината, исхраната и начинот на живот

Германија од први април се приклучи на малата група на земји и законодавства кои имаат легализиран канабис за лична употреба. Бундестагот на предлог на владејачката коалиција формирана од Зелените, Социјалдемократската партија и Либералите, го изгласа законот со кој се овозможи лица и доброволните групи да одгледуваат и поседуваат одредени количини канабис. Со ова, Германија стана деветтата земја што ја легализира рекреативната употреба на дрогата. Се проценува дека околу 4,5 милиони Германци користат канабис. Со изгласаниот закон се легализира одгледување до три стебла за приватна употреба и поседување до 25 грама канабис. Тој во Германија ќе остане нелегален за малолетниците, како и за консумирање во близина на училишта и игралишта.

Производството на канабис во поголем обем, но сепак некомерцијално ќе биде дозволено за членовите на таканаречените канабис клубови со не повеќе од 500 членови, од кои сите мора да бидат возрасни. Само членовите на клубот можат да го консумираат нивниот производ.

Екипата на Трн неодамна присуствуваше на  „Мери Џејн Берлин“, најголемиот германски саем за коноп со повеќе од стотици национални и меѓународни изложувачи.  „Мери Џејн Берлин“ не е само саем, туку и фестивал. Покрај штандовите со храна, концерти во живо и предавања за терапевтски својства, се нуди и обемна забавна програма. Посетителите се информирани за разновидноста на употребата на канабисот. Тој се користи за исхрана, козметика, градежен материјал, производство на лекови . Во 2024 година, на Мери Џејн Берлин фестувалот имаше преку 50.000 посетители.

Во Берлин разговаравме со Катерина, една од коосновачите на апликацијата Edel Crowd на германските социјални клубови за канабис. Апликацијата помага во управувањето со социјалните клубови во делот на евиденција на членови, управување, инвентар…

– Со законот кој стартуваше на први април, луѓето смеат да одгледуваат растенија на канабис дома, секако доколку ги држат подалеку од децата. Од 1 јули можат да се основаат социјални клубови за канабис и тие можат да почнат да садат канабис и да го дистрибуираат на своите членови. Секој клуб може да има само 500 членови и секој член може да има по 50 грама, така што со оваа апликација секој може со ограничување само да избере што сака и може да консумира, да го погледне менито на производи и да избере нешто. Социјалниот клуб не може да се отвори во близина на училиште и градинка. Мислам дека одалеченоста треба да биде некои 200-300 метри. За да отворите социјален клуб, треба да аплицирате за лиценца, за да можете да садите канабис и треба да докажете дека можете добро да го правите тоа. Не е дозволено рекламирање. Не можете да поставите знак или реклама- овде можете да добиете канабис, објаснува Катерина за Трн.

За легализацијата на марихуаната во Германија, вели таа, вратата е отворена и таа врата не можете повеќе да ја затворите. Напротив, вели Катерина, таа може да се отвори само пошироко.

За Мери Џејн, канабисот не е било каква суровина – туку е движење што ги редефинира медицината, исхраната, начинот на живот и козметиката.

Репортажата е направена во соработка со „Билка“, Здружение за канабис и зелени политики.

Видео репортажа: Aнгел Ангеловски

Најново

Последни колумни