Камениот мост добива третман против графити и ново осветлување

Екипите отстрануваат натписи и нечистотија со специјално средство, а по години застој се најавува и пуштање на подната фонтана на плоштадот.

Камениот мост и плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје деновиве се чистат од натрупана нечистотија и графити. Градските служби работат на терен со специјално средство и опрема за миење под висок притисок за да се отстранат натписите од камените површини. Зафатот опфаќа и обновување на архитектонското осветлување на мостот, како и оспособување на подната фонтана која со години стоеше надвор од функција.

На терен се користи хемиско средство наменето за отстранување боја и спрејови, по што површините се мијат под притисок за да се исчистат напластените слоеви прашина и чад. Интервенцијата се спроведува долж целата должина на мостот и на површината на плоштадот.

Главната цел на овој третман е да се симнат долгогодишните натписи без да се оштети автентичната камена структура на мостот.

Паралелно со миењето, во завршна фаза се и активностите за поставување ново архитектонско осветлување. Со него треба да се осветли профилот на мостот долж коритото на Вардар.

Во истиот пакет зафати влегува и повторното активирање на подната фонтана на плоштадот „Македонија“. Овој објект со години беше исклучен и препуштен на атмосферските влијанија поради технички дефекти на инсталацијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс