Search

Каков народ, таква држава

Неколку дена не сум способна да се соземам од се што се случува и од тоа каков болен народ излеговме да сме на вака мало парче земја. Многу сакав да можам да ја одбегнам темава и да не пишувам за ова, ама невозможно е. Нема да зборувам за Вања, нема… зошто боли и зошто емпатија не е собирање лајкови, прегледи, кликови, слава, коментари на грб на мртвите.

Првите денови од агонијата на исчезнувањето со Вања почекав дали ќе се свестиме сите дека ни снема 14 годишно девојче и чекав, чекав сите да се повикаме и заедно да помогнеме да се најде девојчето живо и здраво. Во цела трагедија, почнав полека да ги бришам луѓето кои продолжија да си постираат како ништо да не се случило. Не може да си нормален човек, а да не те погодува тоа што ти се случува во сопствената држава. Не може да се претставуваш како „јавна личност“ со некое влијание во општеството без да се вклучиш активно за да помогнеш.

Кога веќе трагедијата стана премногу реална и болна. Што направија луѓето? Станаа експерти, детективи, аналитичари на теории, заговори, мистерии… Веста за прерано згаснат живот на младо дете стана сензација не само за медимите туку и за обичниот народ. Ги претворивте вашите социјални мрежи, вашите профили во рекла-казала без грам чувство на грижа на совест. СОВЕСТ! Затоа што коменитравте, споделувавте и што треба и што не треба. Баравте информации за грозморозни детали кои само болен ум сака да ги знае и види. Зошто? Која е таа потреба да вам ви се презентираат информации кои никаде не би се споделиле во јавност, затоа што тие лица кои ги загубија своите животи сеуште имаат блиски луѓе кои се живи и кои и како вас имаат пристап до интернетот. Зошто сакате да играте со нечија болка и да ја правите поголема? Да не заборавиме што станува збор за истрага која е во тек. Дали сериозно мислевте дека сите тие ваши муабети и шпекулации на ниво „комшиката ми кажа“, некако ќе помогнат?

Вања повеќе не можеме да ја вратиме, Вања е мртва. Што направивте тогаш вие? Дали и дозволивте да почива во мир? Не. Продолживте да ја растргнувате нејзината трагедија и на дедото од Велес, како да е нешто кое треба да ги направи вашите животи помалку досадни и поисполнети. Не можевте ниту еден ден да се повлечете и да дадете бар виртуелно минута молк.

„Новинарите“ и „порталите“, ставено намерно во наводници затоа што дел од нив беа се, освен тоа, започнавте да се бркате за кој ќе добие повеќе кликови на објавата и прегледи. Какви се работи не објавивте, за што?! За пари? Читав, читав и се шокирав се повеќе и повеќе. Тогаш сфатив дека не сакам да ги отворам социјалните мрежи бар неколку дена и се исклучив. Бар малку мир најдов во фактот дека не морам да читам и да гледам со какви луѓе го делам воздухот овде.

Потоа се појави AI слика од Вања. Дали ви е нормално тоа? Замислете која болка е на таа мајка да ја гледа таа језиво (непостоечка) исфотошопирана слика на девојчето во бел фустан?! И уште се споделува со повик на протест. Каков протест? Протест пред зграда, пред домот каде сеуште скршени и во болка се нејзината мајка и помала сестра. Тие и така немаат мир, а којзнае и дали некогаш ќе го имаат, па уште вие им фалите долу пред зграда на протест. Полоши сте и од тој некој лик што се појави со повик во деновите кога девојчето беше исчезнато со „Врати се Вања, се ти е простено“. Не го познавам ликот, но би сакала да го прашам. Кој фактор си ти да и простуваш било што на Вања? Уште и јавно да го објавуваш тоа на ФБ? Ти се наполни ли егото, ти се подобри ли нешто во животот или доволно ти беше само да собереш стотина лајкови?

Вие што упорно постирате податоци од непроверени извори и ги дебатирате на вашите профили, што е вашата цел? Да не информирате? На сите ни се достапни телевизија, радио, портали… кој сака ќе отвори, ќе прочита, ќе слушне. Што е вашата цел со одржувањето на рекла-казала дебата на вашите профили? Неостварен сон од детство да бидете новинари-истражувачи, да работите во МВР или немаше доволно озборување со Маре комшиката, па ај сега ќе разглабаме детали од убиството на профил. СТРАШНО!

Сите и вие и „новинарите“ објавивте информации од колкава квадратура е станот на мајката, до колку соби има, до колку пари имаат и уште ќе фалеше слика од извод од банка за плата и заштеди. Дали знаете дека истото тоа може да ги направи мета на нов грабеж? Како би ви било за вам некој јавно да објави колкав стан имате, точна локација и пари на сметка?

Најлошото ми падна кога ги прочитав некаде коментарите на сликите на виновниците каде се заканувате на нивните деца и сопруги. Да ти ја силуваат сопругата?! Да им фрлате клетви на децата?! Каков ум пишува такви коментари? Дали знаете дека омразата раѓа омраза и насилство ново насилство?!

Каде ви е умот? Дајте луѓе соберете се. Покажете грам совест и почит, дете ни умре. Можете да се помолите за душата на починатите и за спокој на нивните најблиски. Не ставајте сол на раните. Не е ова време за ваша промоција и дигање популарност. Кажете што имате да си кажете во друштво на комшиката уз кафе ако толку не можете да издржите и оставете ги вашите несудени улоги на „истражувачи“ и „детективи“ надвор од вашите Фејсбук профили.

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни